×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Успехот доаѓа само ако уживате во работата

    17.04.2016 22:00 | KumanovoNews

    Интервју со м-р Анита Спасовска, директор „Бучен Козјак”

    Успехот доаѓа само ако уживате во работата

    Генералната извршна директорка на „Бучен Козјак” м-р Анита Спасовска, прогласена е за менаџерка на годината за континуирано и успешно менаџирање на компанијата, заедно со уште 25 успешни жени од државата и дијаспората. Високото признание и беше врачено на 31 март на прославата на 20-годишниот јубилеј на агенцијата „Марили” во Скопје.

    Ова признание доаѓа по втор пат во Ваши раце. Какво е чувството да се биде меѓу најуспешните 25 менаџерки во последните две децении?

    Минатата година бев прогласена за една од десете најуспешни жени менаџери за 2014 година. Оваа година агенцијата “Марили” одбележа јубилеј од 20 години постоење и континуиран избор на најуспешни жени менаџери од Република Македонија и дијаспората. По тој повод беа прогласени 25 успешни жени менаџери за континуирано успешно менаџирање, меѓу кои бев и јас. Добивањето на ваков вид на признание секако дека создава чувство на задоволство и поттик за уште поголема истрајност и самопосветеност во работењето, но истовремено и дополнителна мотивација за реализирање на многубројни идни планови. Иаку наградата ја примив јас, свесна сум дека успесите се плод на синергија и позади секоја успешно завршена работа стои тим чија што поддршка е еднаква на благодарност. Така да оваа награда јас не би ја припишала само на себе, оваа награда е на сите вработени во Бучен Козјак.

    Лесно ли е да се биде успешна жена менаџер во светот на мажите претприемачи?

    Со ова прашање некако ме вративте во дестсвото и ако го анализирам тоа време јас повеќе имав другари и ден денес е така (се смее), со самото тоа кога дојдов на оваа позиција за мене не беше ништо ново околу себе да имам повеќе машки соработници.

    Да бидам искрена, некако ми е тешко да дадам одговор на ова прашање од едноставна причина што не го делам светот на машко-женски. Мојот пристап е едноставен дали некој знае да си ја врши работата и е професионален во својата област или не. Никогаш немам размислувано на оваа тема ... Но, она што сметам дека е од круцијално значење за постигнување на успех е најпрвин да си ја сакате работата и таа да Ви претставува задоволство, да Ве исполнува. Секако неопходно е да се има сериозен пристап, дисциплина и цел кон која се стреми.

    Кога почнавте да работите во една од најреномираните компании во градот и државата, се надевавте ли дека ќе достигнете ваков успех? Што Ви беше најтешко, а на што сте особено горда за изминатите години?

    Ќе ми дозволите да започнам со одговор на второто прашање... горда сум на моите деца Ања и Горазд кои што се мојот најголем успех и од како станав мајка мојот живот доби друга димензија. Исто така горда сум и на многубројните награди и признанија кои ги имам добиено за остваерните резултати. Не би имала нешто да издвојам што би го окарактеризирала како тешко во изминативе години... можеби периодот додекога бев на постдипломски студии и имав многу малку време да поминувам со моите сакани (децата и сопругот). Успехот доаѓа доколку го работиме она во што уживате. Доколку не уживаме и не си ја сакаме работата тогаш јас сметам дека тоа и не би можело да се окарактеризра како успех. За да успејам во она што го посакувам во мојот професионален развој огромна поддршка имам од моите најсакани, моето семејство, кои се генератор на мојата енергија.

    Да Ви се даде можност да работите во една од најреномираните компании во градот, па и во Македонија секако е императив за секој млад човек. Моите почетоци во Бучен Козјак беа во одделот за финансии и од оваа перспектива кога ќе се навратам на тие моменти воопшто не се надевав на ваков развоен пат. Но, од оваа временска дистанца јас сум особено горда што успеав заедно со мојот тим да креираме компанија која што постојано се стекнува со нови знаења кои брзо ги спроведуваме во акција и тоа создава вистинска конкурентска предност.

     Бидејќи менаџерството е комплексна работа и бара постојано надградување, имате ли време да ги следите промените и новите трендови?

    На ова Ваше прашање би сакала да споделам една мисла од Peter Drucker која што за мене многу кажува и секогаш се навраќам на нејзе кога зборуваме за тоа дали имаме или немаме време. “Ако не знаеме да управуваме со сопственото време, со што тогаш можеме воопшто да управуваме”.

    По природа сум личност која што постојано сака промени и секогаш сакам да бидам подобра и да работам подобро. Не се задоволувам со просечност. За мене не од големо значење како се одвиваат работите кога јас сум присутна на работа, туку обратно кога не сум. Тогаш може да се согледаат пропустите да се видат и недостатоците на кои треба да се работи. Мене некако ме води мислата дека величенственост достигнуваат оние кои никогаш не се задоволни со моменталната состојба, колку и таа да изгледа убаво. Од претходно кажаното можете да заклучите дека постојаното учење, надградување се составен дел од мојот живот. Често патувам и надвор од Македонија доколку станува збор за некое добро предавање, саем на кој што можат да се видат новитети од прехрамбената индиустрија и сл.

    За да се постигнат посакуваните резултати потребен е квалитетен тим. Каков е Вашиот однос со првите соработници?

    Кога зборуваме за создавање на тимови некако ми е најлесно е да направам споредба со создавње тимови во спортот, бидејќи јас гледам голема поврзаност помеѓу овие две работи. Доколку го анализраме тимот на било која кошаркарска репрезентација, клуб апсурдно е ако некој од играчите би кажал јас имам дадено 30 поени, 10 асистенции и мојот дел од работата за време на натпреварот го завршив. Дали овде можеме воопшто да зборуваме дека има тим? Секако дека не, овде имаме доминација на индивидуата. Она на што треба да се поработи и да се направи е да се постигне високо ниво на меѓусебна синхронизираност, заеднички да осознаат кој за што е добар и кога ќе можат да се разбираат меѓу себе со таканреченото читање на мисли или со поглед, дури тогаш можеме да кажеме дека имаме тим кај кој е постигнат саканиот ефект – ефектот на синергија. Резултатите кои ги постигнуваат вистински синхронизираните тимови не се само прости збирови, туку тоа е многу повеќе.

    Јас не би можела да функционирам како единка, во моето секојдневно работење огромно значење има тимот со кој што јас сум во постојана комуникација. Мојот работен ден доколку сум во канцеларија започнува со краток состанок со моите први соработници и речиси никогаш не носам одлука ако не го имам слушнато нивното мислење. Тимот со кој што јас секојдневно работам е составен од луѓе кои имаат различни афинитети, знаења, вештини. Тоа се релативно млади луѓе кои се амбициозни и желни за докажување, за стекнување на нови знаења и голем предизвик за мене е да на секој од нив им обезбедам шанса да напредуваат во својата кариера. Секогаш е задоволство да околу себе имаме луѓе со кои е пријатно да се работи, луѓе полни со ентузијазам, флексибилни и апсолутно посветени на реализрање на желбите на сите клиенти. Во последно време многу често се говори за создавање тимови, управување со нив, тоа воопшто не е лесна работа. Самосвестноста за тежината на лидерството бара постојана посветеност на развој на лидерските вештини за да тоа на крај резултира со реализирање на заедничките цели.

    “Бучен Козјак” во 2014 година доби признание за врвен квалитет на своите производи. Што значи тоа за Вашата фирма?

    Да, 2014 година ја добивме наградата Quadal - златен медал за киселите млека (овчо и кравјо). Од есенцијално значење за нашето работење е задоволството на нашите потрошувачи и оваа награда претставува дополнителен поттик и мотив за идното работење. Ќе споделам со Вашите читатели нешто поврзано со оваа награда како се одвиваше целата работа ...имено најпрвин стигна известување на mail дека сме добитници на наградата и доколку сакаме да ги добиеме резултатите а исто така и знакот кој што е потврда за добиената награда треба да им одговориме потврдно. Ние најпрвин помисливме дека е шега и не обрнавме некое големо внимание на информацијата. После краток временски период пак ме исконтактираа лично да ме прашаат од која причина не сме заинтересирани, бидејќи им станало чудно и во нивната пракса до тогаш се немале соочено да соопштат на некоја компанија дека има добиено награда, а од другата страна да нема никаква реакција (се смее) и дури тогаш сфативме дека е сериозно.

    Врз основа на што ја добивме наградата, направено е истражување од страна швајцарска организација ICERTIAS а врз база на претходно креирани прашања анкетирани се голем број на испитаници кои што меѓу другито одговарале и на прашањето “Според Вас кое е најквалитетно кисело млеко во Р. Македонија?” најголем број од испитаниците одговориле дека тоа се киселите млека на Бучен Козјак.

    Знаете дека доколку некој производител сака да добие признание за своите производи се пријавува на саеми, специјализирани натпревари и сл. но, овде воопшто не станува збор за такво нешто, ние воопшто не ни знаевме дека се прави такво истражување и ваков вид на награда е од големо значење за нас. Им  благодарам на сите кои ни ја дадоа својата поддршка. Ние постоиме и ќе постоиме за нашите потрошувачи.

    Дали постои формула за градење успешен бизнис во млечната индустрија во Македонија? Со кои проблеми се соочувате во текот на работата.

    Многу би било полесно доколку би имало но, за жал нема. Во последниве неколку години во оваа индустрија има доста чести промени и навистина е потребна голема претпазливост при носење на било каква одлука. Заедно со моите колеги настојуваме постојано да бидеме во тек со законските одредби, да внесуваме новитети во работењето и да ги пратиме современите трендови во млечната индустрија. Но, она што е правило број еден во Бучен Козјак е да креираме задоволни купувачи. Ние постојано работиме и тежнееме сите наши потрошувачи да се задоволни од она што ние им го нудиме како краен производ и секој нивен позитивен коментар за нас е од големо значење, но истовремено и дополнителна обврска за да ја оправдаме довербата.

     Покрај врвен професионалец Вие сте сопруга и мајка. Како успевате да ги ускладите секојдневните обврски и при тоа да не трпи семејството?

    Да, јас сум сопруга и мајка на две малолетни деца Ања (12 години) и Горазд (7 години) и сум бескрајно среќна што ги имам. Тоа се многу мили и весели дечиња кои што ми го исполнуваат животот со бескрајна љубов и ми ја даваат смислата на моето постоење. И двајцата се одлични ученици посветени на своите секојдневни обврски. Ања и постепено ги открива тајните и убавината на класичната музика, свири пиано и до сега има освоено неколку меѓународни награди, а Горазд исто така посетува нижо музичко училиште и е целосно посветен на совладување на техниките во карате. Се трудам колку можам да им го посветам моето внимание и многу често уживаме во задничкото гушкање и дружење. За да ги реализирам моите професионални соништа имам безрезервна поддршка од мојот сопруг, на кој што сум му благодарна.

     Што ќе ги посоветувате младите менаџери, кој е клучот на успехот за да се постигнат врвни резултати?

    Одамна ја имам прочитано мислата која ја има кажано Mаhatma Gandi и многу ми се допадна и која сметам дека би можела да ја искористам и била соодветна како одговор на Вашето прашање:

     “Човек често станува она што за себе мисли. Доколку често повторуваме некои работи дека не можеме да ги направиме, веројатно е и дека нема да можеме. Наспроти тоа, ако веруваме дека можеме сигурно ќе се стекнеме со способност тоа и да го направиме”.

    Секогаш треба да имаат јасно поставени цели бидејќи единствено така ќе можат да напредуваат и по пат исполнет со многу препреки, за разлика од оние кои што немаат цели и веројатноста дека нема далеку да стигнат е многу голема иако сите патишта им се отворени. И како велат кога не знаеш каде одиш, мислиш дека секој пат е вистински и како ќе знаеш кога си стигнал.