×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ВМРО-ДПМНЕ нема теоретски шанси да победи во Куманово

    14.07.2016 22:00 | KumanovoNews

    Интервју со претседателот на општинската организација на ЛДП, Ивица Костовски

    ВМРО-ДПМНЕ нема теоретски шанси да победи во Куманово

    Претседателот на ЛДП Куманово, Ивица Костовски, вели дека граѓаните на Куманово се жртвени јариња на централната власт, која има негативен однос не е само кон гласачите на СДСМ и коалицијата, туку и кон гласачите на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа е убеден дека нивниот политички опонент нема шанси да ги добие локалните избори во Куманово.

    Костовски повеќе од 10 месеци е на чело на општинската организација на ЛДП, и партијата ја смета за големо и среќно семејство, кое го краси другарство и меѓусебно почитување.

    ЛДП во коалиција со СДСМ, повеќе од 20 години е на власт во Куманово. Граѓаните се незадоволни од големиот број на нерешени инфраструктурни проблеми. Се плашите ли дека на пролет ќе ги изгубите локалните избори во Куманово?

    Јас лично не верувам дека такво нешто може да се случи. Верувам дека луѓето се доволно свесни во какво општество живееме во овие 11 години, и мислам дека нема теоретски шанси да победи ВМРО-ДПМНЕ. Инаку многу тешко е да си на власт во една општина 26 години по ред, нормално е граѓаните да бидат револтирани кон политичката гарнитура што е толку на власт ако притоа има одредени проблеми. Свесни сме дека постои одреден револт кај граѓаните, но мора да истакнам дека сме оставени сами без помош на централната власт цели 10 години, и без денар финансиска помош за изградба на училишта, градинки и други проекти. Ако власта тврди дека во државата изградиле 100 градински, а во Куманово ниту една, тоа кажува дека граѓаните на Куманово се жртвени јариња на централната власт. Тој негативен однос не е само кон гласачите на СДСМ и коалицијата, туку и кон гласачите на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа јас сум убеден дека ако се случат парламентарните избори пред локалните, и ние победиме, тогаш нема никакви шанси да го изгубиме Куманово.

    Задоволни ли сте од позицијата во коалицијата на локално ниво. Од застапеноста во локалната администрација и поделбата на партискиот колач.

    Секако дека не сме задоволни, но имаме добра соработка со градоначалникот и колегите од СДСМ. Тоа е секогаш главен проблем на сите помали политички партии, кои учествуваат во големите коалиции. Нормално, ние мислиме дека заслужуваме многу повеќе, СДСМ мисли дека ни дава премногу. Ние имаме само еден помошен директо во ЈП „Водовод“ и тоа е се, за разлика од некои други партии. Според мене, после СДСМ, ние како ЛДП сме најбројни и најорганизирани од сите помали партии што ја сочинуваат коалицијата. Да не ги негирам другите, но тоа се покажува на терен и на сите партиски фронтови.

    Вие сте претставник на ЛДП во Советот на општината Куманово. Успејавте ли да ја реализирате програмата што со СДСМ ја понудивте на изборите?

    Секогаш може подобро, па така и во однос на нашата работа во Советот. Позицијата во Советот работи со многу тесна разлика, со 17 советници, и секогаш е на работ дали ќе имаме мнозинството на седниците. Се работи за тесно мнозинство, за еден советник и ако некој од нашите советници е отсутен на седницата не можат да се донесат некои важни одлуки. Затоа мораме секогаш да бидеме присутни. Како советник во оваа коалиција не можам да бидам задоволен до крај од нашата работа, затоа што секогаш може да се работи подобро, но и програмата што ја имаме зацртано не успејавме да ја оствариме во целост од повеќе причини. Едната е поради недостиг на сретства во општинската каса, знаете дека општината Куманово работи со задолжителни резерви. Големи пари отидоа во приватни џебови по судски одлуки и нема многу простор за поголемо урбано уредување на градот.

    Има ли проекти од вашата програма што се прифатени?

    Па има повеќе кои не сакам да ги набројувам, но еден од последните е поставувањето на мерната станица. Тоа беше наша заложба да се поправи станицата која со години не работеше, за да имаме увид колкав е процентот на загадувањето во градот. И предходно беа реализирани повеќе наши идеи.

    Наредната година ќе се одржат локалните избори. Ги започна ли општинската организација на ЛДП подготовките за изборите?

    Општинската организација на ЛДП ги почна своите активности и поготовки за престојните локални избори.Локалните избори треба да се случат за 8- 9 месеци, некаде во април. Ние формиравме општински штаб и ги избравме сите органи и тела, кои се потребни да ги спроведат изборите на локално ниво. За шеф на изборниот штаб сум избран јас. Од другите активности на прво место ни е ажурирање на членството и што почести контакти со нив. Оние, кои своевремено апстинираа и на некој начин се отргнаа од партијата се обидуваме да ги вратиме назад во нашите редови. Имаме чести посети со нашите активисти и симпатизери и најголемо внимание посветуваме на теренската работа. Следен чекор, по летниот период е формирањето на месните одбори, секаде каде што до сега постоеле, и таму каде што сме немале, бидејќи со тоа го зголемуваме членството.

    Остана ли единството во организацијата и по изборот на новиот претседател и партиските тела?

    По промените кои се случија во раководството на општинската организација, ниту еден член не ја напушти партијата, туку напротив имаме нови членови. Стануваме се по масовни и се зачленуваат нови луѓе. Сега имаме над 300 активни члена, а пасивни околу 1000-1200 членови. Се посветивме на работата на терен и му стоиме на располагање на секој член од партијата да помогнеме во решавање на нивните проблеми од социјална или комунална природа.

    Сакате да кажете дека нема фракции ?

    Немаме фракции. Сите сме единствени и обединети. Мене лично како човек ме мотивираше да бидам член на оваа партија, токму поради другарството и меѓусебното почитување на членовите на ЛДП. Ние живееме како едно големо среќно семејство. Си помагаме еден на друг на секој можен начин, приватно и професионално. Кај нас постои една кохезија, една сплотеност и тоа секогаш ќе остане така.

    Како котира општнската организација на ЛДП на централно ниво? Имате ли подршка од претседателот?

    Една од најаките, ако не и најака општинска организација на ЛДП е кумановската организација, која раме до раме стои со битолската. Другите се многу послаби. Новото раководство и претседателот се презадоволни од нашите активности, бидејќи тие се многубројни и разновидни. Многу сме присутни на теренот и на сите партиски активности на коалицијата, особено на протестите на „Шарената револуција“. За разлика од другите помали партии во општината ЛДП е најбројна.

    Имате свои претставници и во највисоките партиски тела на ЛДП.

    Ние сме општинска организација које има најмногу членови во централниот одбор, 11 луѓе. Значи некаде 12 отсто од севкупната организација на ЛДП во Македонија во централното раководство се членови на општинската организација Куманово. Ние, после толку време имаме наш човек на висока партиска позиција, член во извршниот одбор, кој е меѓу првите 15 луѓе во партијата. Тоа е Зоран Павловски.

    Како гледате на актуелните политички случувања во државата? Каде го гледате излезот од политичката криза?

    Единствен излез од оваа криза која предолго трае е исполнување во целост на договорот од Пржино и одржување на фер и демократски избори. Она што го зборува ВМРО-ДПМНЕ дека опозицијата бега од избори не е точно, опозицијата бега од нерегуларни избори. Оној час кога ќе се средат работите, избирачкиот список и законот за медиумите, тогаш може да се договори датумот за избори во РМ. На фер и демократски избори јас сум сигурен дека ќе победиме.

    Кога очекувате дека ќе се одржат парламентарните избори?

     Јас се надевам дека деновиве ќе биде постигнат политички договор. До август да се прочисти избирачкиот список со фамозните 40.000 гласачи, потоа да се донесе законот за медиуми. Мислам дека после тоа ќе се создадат услови парламентарните избори да се одржат кон крајот на ноември.

    На избори ќе одите во коалиција на опозициските партии. Се надевате ли дека конечно ќе добиете добитно место за пратеник во втората изборна единица?

    Засега размислуваме да одиме во коалиција со СДСМ, со новиот блок на широка коалиција со помалите партии и невладиниот сектор. Очекувам дека победата ќе биде убедлива. Се уште ништо не е договорено околу местата на патеничките листи. Нормално, очекуваме ЛДП Куманово да има свој претставник на добитна комбинација, ако се знае дека општинската организација е една од најголемите во државата. Ако Битола има претставник во законодавниот дом, тогаш очекуваме да има и Куманово. Ако и не добиеме пратеник тогаш заслужуваме многу поголема застапеност, на позици и места во идната влада и во раководствата на министерствата.