×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Каков градоначалник сакам

    Столе Божиновски

    Па, таков што ќе ми купи едно рало зимски чевли! Мутлак не е голем арч за него. Се шегувам.. А сериозно, што сакам од новиот градоначалник. Прво, да почне да работи во правец Куманово да заличи на пристојно и пријатно место за живеење: зеленило, мини паркови на сите голи ледини, шеталишта, ослободени тротоари од стари крнтии и други автомобили, разубавување на центарот на градот, расчистување на сите диви депонии низ градот и населбите...

    Второ, а во контекст на првото. Мојот нов градоначалник да ги стави под свое сите комуналци, а во прв ред господата комунални инспектори со ташни и машни, да ги избрка од канцелариите, пабовите и кафиќите. Да ги видиме и да ги препознаваме по улиците, да не штитат од кесите со ѓубре од третиот или четвртиот кат што ги џиткаат несовесните, мрзешливи снајки и датки состанарки, да се прошетуваат покрај реката и да запикосуваат на лицино место кој во реката или покрај неа фрла стари перници, тенџериња, пцовисана живина. Да ѕирнуваат во кафеаните во кои ноќе се прават свадби и други семејни веселби и да им ги поднамалуваат звучниците на газдите кои забораваат дека музикантите треба да им свират на гостите а не на граѓаните од целата населба.

    Трето, мојот градоначалник да биде во некоја рака и селоначалник, бидејци тој е татко не само на градот туку и на селата во Општината. Говорам не само за големите (Табановце, Агино Село, Романовце, Тромеѓа, Доброшане) туку и за селата како моето Довезенце, на пример. Таквите „богу иза ногу” села не бараат многу. Ќе бидат презадоволни со километар поправен пат, со еден посаглам мост на реката... Сега, рака на срце, истите селограѓан (фигуративно речено) си плачат и за малку дрво. Им треба малку по џеп да ја почувствуваат државата. Па, брату мил, Крива Ррека и некогашните цвентни ливади покрај реката ги претворија во гадна депонија. Сите стари душеци и перници од Банево Трло и Пуковско ги доамортизираа по своите викендички во родното село и како такви и ги теслимија на Крива Река. Плус се што им е отпад од градинарството (презреани краставици, скапана зелка) во тракторска приколка и право на истовар покрај реката. Не претеруваат тие што кажуваат дека кога човек денес минува покрај оваа и другите наши реки треба да оди со затнат нос. Толку овој пат за тоа каков градоначалник сакам.

    Во некој од наредните денови , ако дозволи ценетиот КУМАНОВОЊУЗ, сакам да кажам нешто ии за тоа КАКОВ ГРАДОНАЧАЛНИК НЕЈЌАМ.

    Столе Божиновски Столе Божиновски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*