×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Браќа Миладиновци“ - од „изгорена школа“ до престижно училиште

    28.10.2013 17:01 | KumanovoNews

    Основното училиште “Браќа Миладиновци“, едно од најстарите основни училишта во Куманово започнало со работа во 1954 година. Со десет паралелки, 555 ученици и 14 наставници во скромни услови, но со многу љубов и посветеност, наставниците со години го градат имиџот на училиштето.

    „Браќа Миладиновци“ - од „изгорена школа“ до престижно училиште

    Денеска, важи за едно од најреномираните и најпрестижните градски училишта во кое работат 107 просветни работници а настава посетуваат 1072 ученика од централното градско подрачје.

    Работиме во седум објекти, бидејќи во состав на основното училиште “Браќа Миладиновци“ спаѓаат и паралелките во селата Пчиња и Студена Бара. На користење ја имаме зградата кај Соколана и просториите на некогашното училиште „Карпош„ во т.н. Циганско сокаче. Наставата се изведува во современи кабинети, бидејќи лани имавме среќа и можност преку УСАИД, “Врама Си“ и СОРОС да обезбедиме нагледни средства во вредност од 6000 долари. Сите кабинети се добро опремени и имаат услови за современо следење на наставата - објаснува директорката Марина Манојловска.

    Според просветниот инспекторат, средниот успех на училиштето е 3,96 на ниво на држава што е доказ дека посветено се работи во совладување на знаењата. Во училиштето се спроведуваат многу проекти од кои посебно значаен е проектот за мултикултурализам кој ќе трае до 2015 година. Со него се предвидени 30.000 долари за реновирање на училниците кај Соколана, а со донација ќе се реновира внатрешниот и надворешниот дел на централното училиште.

    Во училиштето со посебна гордост кажуваат дека кај нив се става посебен акцент при изучувањето на странските јазици.

    Во однос на другите основни училишта, ние отскокнуваме во изучување на странските јазици. Единствени сме во изучување на францускиот, англискиот и италијанскиот јазик. Во иднина планираме да се изучува и на германскиот јазик. Можеме да се пофалиме со стручен кадар и нудиме услови за знаење кое многу ќе им помогне на учениците во понатамошното школување и животот.- вели Манојловска.

    За успешно совладување на јазиците потврдуваат и наградите кои ги освоиле  осмооделенките Матеја Познановиќ и Мила Аневска.

     Лани освоив прва награда по англиски јазик и прва награда по македонски јазик на ниво на училиште, како и втора награда по ликовно воспитување во 2012 година. Овие награди многу ми значат и ме мотивираат - вели Матеја.

    Минатата година училиштето го посетија амбасадорите на САД, Чешка, Франција и Италија, а неодамна чешкиот амбасадор ја врачи наградата на Ана Крстевска за освоено прво место на ликовен конкурс.

    Наградата ја добив неочекувано. Првпат конкурирав и пресреќна сум. Ова ми е прва меѓународна награда, но имам и други училишни награди. Цртежот го работев со темперни бои. Имав инспирација и конкурсот беше на тема, селски пазар - рече Ана.

    Учениците од ОУ “Браќа Миладиновци“ постигнаа извонредни резултати на државните натпревари по математика, балканската олимпијада по математика, на многу ликовни и литературни конкурси, додека осмооделенецот Милош Цветковски беше најдобар на општинскиот и четврти на регионалниот натпревар по техничко образование.

    Меѓу наставниот кадар има и наставници кои и самите се образувале во “Браќа Миладиновци“, а сега се во улога на луѓе кои го пренесуваат знаењето на идните генерации.

    Ова училиште има свои предности бидејќи е најголемо според бројот на ученици, во центарот на градот  е, има добри професори. Тука сум месец дена како професор. Наставниците кои ми предаваа сега ми се колеги. Ми беше малку чудно на почеток, но многу добро ме прифатија и ми помагаат за се што треба. Сакам пријателски однос со учениците, да не бидам премногу строга, туку да им помогнам да се изразат покреативно - вели Симона Јакимовска, професор по ликовно образование.

    Зградата во која е сместено училиштето во времето на Кралството Југославија била касарна. По Втората светска војна објектот бил прилагоден за потребите на образовниот процес. Во 1948 година во неа прво се вселиле учениците од „Крсте Мисирков„, а 5 години потоа и „Браќа Миладиновци„. Во 1959 година во кабинетот по хемија на вториот кат од училиштето избувнал голем пожар во кој изгорел поголем дел од училниците и кровната конструкција. Останале само камените зидови на зградата, па училиштето морало целосно да се реновира. Тогаш бил дограден третиот кат. Учениците до крајот на годината посетувале настава во гимназијата „Гоце Делчев„. Во 1960 година новата училишна зграда е предадена во употреба и ден денеска ја врши својата функција. Од тогаш кумановчани училиштето го нарекуваат „изгорена школа„.

    Со текот на годините училиштето растело и се развивало. Низ него поминале генерации на ученици кои се успешни и признени во својата професија. Тие со гордост кажуваат дека во „Браќа“ ги собрале првите плодови на знаењето.