Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово аплицираше годинава да биде македонска престолнина на културата, бидејќи слави 5 века постоење.
Конкурсот на Министерството за култура за финансирање на проект од национален интерес за манифестацијата „Град на културата во 2019 година“, завршил на 4 јануари годинава, а резултатите сеуште не се познати.
„Во предвечерието на 5 века Куманово, преку културата и културните содржини се гледа како овој народ живеел во изминатиот период. Ние очекувавме оваа година да го добиеме ова престижно признание и со одобрените средства да рализираме една квалитетна и богата културна програма, не само за Куманово туку и за посетители од целата држава. Ги доставиваме програмите и плановите за одбележување на големиот јубилеј, сега чекаме комисијата да ги обзнани резултатите, за да започнеме со организациските активности“, - изјави Нино Величковски, директор на Фондацијата за култура и спорт во Општина Куманово.
Општината конкурираше со богата уметничка програма со разновидни културни содржини со домашни и странски уметници, со над 40 проекти. Предвидени се 15 милиони денари за нивна реализација.
Меѓу поголемите настани е планиран театарската претстава „Ленче Кумановче“ од Васиљ Иљовски, гостување на Опера и балет и Македонската филхармонија со дела на Трајко Прокопиев, неколкудневен фестивал за млади на отворено на спортскиот аердром Аџитепе, возобновување на музичкиот фестивал на шегобијни песни некогашниот Тумба фест, концерти на сериозна, забавна, детска и народна музика, традиционалните манифестации Денови на комедија, Тамбурашкиот фестивал, џез фестивал, колонии, изложби, поетски читања и др.
Покрај Куманово, неофицијално, за град на културата аплицирала и Општина Гостивар.