×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Семејство згрижува деца без родители, а парите што ги добиваат од државата ги штеди за нивната иднина

    13.12.2018 08:20 | KumanovoNews

     Кумановката Сузана Величковска осум години се грижи за деца без родители и родителска грижа во својот дом во населбата Карпош.

    Семејство згрижува деца без родители, а парите што ги добиваат од државата ги штеди за нивната иднина

    Досега згрижила 10 деца, а надоместот што `и го исплаќа државата за тоа не го троши, туку го чува за нивната иднина. Величковска(54) вели дека во 2010 со сопругот одлучиле да станат згрижувачко семејство, откако ја изгубиле битката да станат родители, а ја поминале и старосната граница да посвојат дете.

    Бидејќи не сакале животот да им помине без деца, се пројавиле во Центарот за социјални работи Куманово и нивниот дом го отвориле за децата кои останале без соодветна грижа од своите родители.

    „Тогаш имав 45 години. Се` уште бев на работа, кога ми се јавија да ги земам првите деца. Бев возбудена, среќна, преплашена. Беа две девојчиња, сестрички на 3 и 5 години, на кои им требаше згрижување додека да се реши одредена семејна состојба. Останаа многу кратко, само неколку дена, но нивниот престој беше пресуден нашиот дом нокогаш повеќе да не остане без деца“,  вели Величковска.

    Во Куманово само осум сeмејства згрижуваат 16 деца без родителска грижа, што е поразително ако се знае дека во помалите места има далеку поголем број на згрижувачки семејства. Повеќе од половина тие деца ги згрижило семејството Величковски.

    Меѓу згрижените десет деца, имало од сите возрасти, социјален статус и националност, од град и село. Некои од нив биле и жртви на семејно насилство. На сите им било заедничко дека им недостасувала љубов и внимание, а таа била подготвена да им помогне да ги победат сите стравови и трауми што им ги донел животот, да им пружи љубов и нега како што заслужува секое дете.

    „Со доаѓањето на децата нашиот живот доби друга димензија, а домот ни се исполни со среќа. Наместо осаменост и грижи, во нашето секојдневие се всели живост и радост. Во нашата куќа не дојдоа само децата, туку со нив и нивните другарчиња од улица и училиште. Внесоа џагор, игра, песна, плачење, смеа… Животот ни се исполни со многу активности, прослави, родендени. Ние во средината во која живееме станавме повеќе ценети и почитувани“, вели Величковска.

    На почетокот на годината, по четири години од нивниот дом си заминале брат и сестра од едно кумановско село, и останале само двете сестри на возраст од 13 и 15 години, кои се со нив веќе 8 години. Израснале во умни деца со одлични резултати во училиштето.

    „Резултатите ги постигнавме со многу труд и работа. Секојдневно сум во контакт со наставниците и стручните служби во училиштето. Со децата работам преку ден, а ноќе ги завршувам обврските по куќата. Имам голема одговорност на дечињата да им го пружам најдоброто. Да ги надминат тешките моменти што ги имале во животот и да му се радуваат на животот како сите други деца. Имам голема поддршка и од стручните служби во Центарот на социјални работи Куманово, училиштето ‘Магдалена Антова’, здравствените работници во амбулантата каде што живееме. Сите мои деца биле ученици за пример и горда сум на нив. Сега помалата сестра се подготвува за натпревар по географија. Се надевам дека тие ќе израснат во успешни луѓе, кои еден ден ќе помогнат на своите родители и семејства, бидејќи во тешките моменти само децата се покрај родителите“, вели Величковска.

    Таа вели дека стравот како ќе се снајде во одредени ситуации бил многу поголем од оној што го имаат биолошките родители додека се грижат за своите деца.

    „Лани во март сите се заразија од сипаници. Само што тргнаа во второ полугодие, прво се зарази едно од децата, а потоа и останатите. Како карантин бевме дома. Качуваа температура дури над 40 степени. На гради ми спиеа за да слушам дека дишат, колку се плашев да не им се случи нешто лошо. Голема работа и одговорност е да чуваш туѓо дете. Сум доаѓала во ситуации кои ми изгледале безизлезни и дека не можам да се справам со проблемите. Но, полека со време, со многу труд и помош од надлежните успеав. Имав едно детенце кое имаше проблеми со видот, гледаше на страна. Цело лето секој ден го носев во Скопје на терапија, плаќав по 1.000 денари такси, и ласерски му се поправи видот. Успеавме да ги симне очилата и нормално да си гледа“,  кажува Величковска.

    Таа не крие дека оваа работа е многу тешка и одговорна, има многу одрекување и посветеност за да се излезе на крај со сите предизвици, но сепак вели дека најтажна е разделбата со децата, кога тие се враќаат кај родителите или се даваат на посвојување. Но, речиси сите ја посетуваат и ја одржува врската со нивните родители или старатели.

    „Децата многу ги сакам, ги почитувам, ги учам и воспитувам, но сепак знам каде е границата. Никогаш не ја доживеав таа радост да бидам мајка, но преку овие деца се чувствувам како втор родител. Имам одлична соработка со нивните биолошки родители и заедно работиме овие деца да ги изведеме на пат. Тие се кај мене додека имаат потреба, кога родителите и центарот ќе одлучат да се врата јас се тргам од патот“, вели таа.

    Сузана не сака да зборува за одлуката со сопругот средствата што ги добиваат од државата да не ги трошат, туку ги штедат за децата и им помагаат и кога ќе си заминат од нивното семејство. Вели дека тоа не е важно и не треба да се потенцира, поради другите згрижувачи кои не се во матерјална состојба како нив.

    „Љубовта со пари не се купува. Ние сакаме на тие деца да им помогнеме. Јас работев и имав плата, да сакав да работам за пари ќе работев таму. И мојот сопруг има плата. Ние имаме доволно за нас. Ние сакаме да им помогнеме, а доколку има некое дете без родители кое сака да остане со нас, ние со задоволство ќе го прифатиме до крајот на животот“, вели таа.

    Величковска, по повод Денот на Општината Куманово 11 Ноември, од градоначалникот Максим Димитриевски доби благодарница за згрижувач на деца без родителска грижа. Таа гордо вели дека наградата е голема чест за неа, бидејќи некој го препознал и вреднувал нејзиниот труд. Наградата ја посветува за нејзините дечиња, бидејќи таа е нивна заслуга. Оваа хумана жена вели дека ќе продолжи да им помага на децата додека ја служи здравјето, и додека дозволува законот. Затоа ги повикува сите семејства кои имаат можност, да го отворат својот дом и срце за оваа категорија на дечиња, бидејќи тоа ќе им донесе само среќа и исполнетост во животот, затоа што помагаат на недолжни суштества со кои судбината се поиграла.

    Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ летово почна кампања за да ги потикнат граѓаните да станат згрижувачи и на децата без родителска грижа да им се обезбедат услови за живот најблиску до оние во семејна средина.

    (С. НИКОЛИЌ)