Да светне денот!
Сашо Тодоровски, портпарол на СДСМ Куманово.
Денешно време, 2016 година, 1 мај - денот на работникот и денот на трудот.
Работнички ден, момент кога трудот е ставен на прво место бидејќи од него произлегува сè – и напредокот и подобриот живот.
Го пишувам текстот и се прашувам колку само е обезвреднет тој ист ден и тој работник денес во Македонија. Колку неговиот труд е платен, и дали вреди за тоа колку што е платен да се труди и да работи? Живееме во, односно создадовме општество каде работникот е ставен на маргините на истото, и каде тој е човекот што одвај преживуваа и живее само колку за да преживее. Дали некогаш сме се запрашале колку тој работник е заслужен со својата работа за останатите дејности во државава, и колку неговиот труд е важен за да другите кои не работат во директното производство редовно ги земаат своите плати? Во секој случај, би требало да е така во една здрава држава која не е зависна, и не треба да е зависна од секојдневни задолжувања и кредити за да ги исплати платите на своите граѓани. Работникот е моторот на едно општество, на една држава, фабриките се мускулите на таа држава, скелетот, коските, тие го придвижуваат телото и создаваат живот.
Изминативе години ние со погрешните политики буквално го убивме работникот, му ја исцедивме и последната капка пот – и не му овозможивме надеж и поглед кон посветла и подобра иднина.
Честопати знаеме да го критикуваме Западот за лошите работи кај нас, но на тој ист Запад работникот ја зема една од најголемите плати во општеството и може убаво и солидно да живее од истата, да си ги исполни сите свои потреби, да си овозможи живот достоен за човек. А кај нас? Кај нас работникот е обесправен во секој поглед – ја зема најниската плата во државата, често истата доцни и не се исплаќа, газдите наоѓаат разноразни незаконски модалитети во спрега со државата да не му исплатат на работникот здравствено, социјално и слично, и сето тоа поминува неказнето од оние кои треба да го спроведуваат законот. Каде се тука слободните денови, одморот за празниците, прекувременото работење кое треба да се плати и слично?
Огромни се проблемите на нашиот работник!
Кога веќе еднаш ќе ги отфрлиме вкоренетите стихови од Кочо Рацин ,,За туѓи бели дворови - копај си црни гробови!,, и ќе почнеме да функционираме на еден поинаков начин, на начин каде државата ќе се погрижи за своите граѓани, а граѓаните ќе ја сакаат и почитуваат истата.
Многумина ќе кажат - тоа се интернационални компании, конзорциуми – тие си имаат свои услови за работа, толку плаќаат и точка. А зошто почитувани сограѓани не плаќаат толку во Германија, Холандија,Шведска и Австрија. Како таму може работникот да зема 3000 евра, а кај нас едвај 200? Па не се тие на Марс, а ние на Венера! Само околу 1000 километри не делат од тој систем. Но проблемот очигледно е друг! Некој им ветува на тие инвеститори дека нашиве луѓе ќе работат за таа плата од 250 евра, ја договараат таа сума тие доаѓаат и плаќаат толку. Едноставно. Скоро секој газда доколку има можност би го направил истото, за помалку пари да му врви работата, и тој да го собира кајмакот. Па нели пред извесно време имавме случај каде една инвестициска фирма која била пред банкрот и благодарение на парите кои и ги дала нашата влада ( 18 милиони евра, а тоа се наши народни пари) истата се спасила од банкротот и го продолжила производството во Македонија. Производството од кое повторно на нашиот работник му припаѓаат мизерни 250 евра!
Значи проблемот е решлив во секој случај, само е потребно оние кои навистина ја сакаат својата држава кога ќе ги привлекуват странските инвеститори да внимаваат какви договори потпишуваат и да им биде јасно дека и македонскиот работник сака да работи за поголема плата, дека и македонскиот човек заслужува да живее живот достоен на човек, а не да работи колку за да заработи. За да го постигнеме оваа потребни се коренити промени и во нашата колективна свест како народ и како граѓани дека барањето за повисока плата не е баук, туку реална потреба во реално време и условите кои ги имаме во 21 век.
Нека ни е честит Велигден, и 1 Мај со мисла дека подоброто време ќе го создадеме сите заедно.
Сашо Тодоровски, Сашо Тодоровски, портпарол на СДСМ Куманово.
Други колумни од Сашо Тодоровски

Лајк за културата
04.05.2020

Куманово сака култура
01.06.2019

Простор за култура
11.03.2019

Шанса за Премиера
23.12.2018
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*