×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • КОЧНИЧАРИ

    Петар Поп-Арсов

    Не знам на кои проекти се мисли, бидејќи за секој проект за кој локалната власт побарала поддршка од централната власт, истата ја има добиено. Во тој контекст се обидувам да се сетам на некој проект кој што е реализиран од страна на централната власт на СДСМ, во соработка со локалната власт, за време на нивното паралелно владеење, но... не ми успева. Како и да е, за тоа ќе размислуваме во некоја друга прилика. Ајде сега да се осврнеме на дефиницијата “кочење на проекти”  која произлегува од луѓе кои можат да пишуваат дисертации на таа тема врз база на сопствените искуства и заложби, но во обратна смисла, “Како се кочат проектите на централната од страна на локалната власт”.

    Ми паѓа на памет образованието, како еден од најзначајните сегменти на нашето општествено живеење, а кое има допирна точка и со централната и со локалната власт. Таа допирна точка во случај со нашиот град, се претвора во точка на раздор, централната власт креира проекти а локалната се обидува да ги дискредитира, омаловажи, а пред се да ги претвори во орудие за меѓупартиска пресметка. За да не биде тоа една обична критика без аргументи, ќе се обидам кажаното да го аргументирам со посочување на сите досегашни проекти во областа на образованието, за кои мора да се признае дека се многу.

    Меѓу првите проекти на Министерството за образование и наука, беше проектот “Компјутер за секое дете” , проект кој беше буквално дочекан “на нож” од страна на директорите на основните и средни училишта во Куманово, во смисла дека: -тоа не ни е потребно, или дека: - сега ќе мора да се учиме на некои нови работи, а што убаво си беше по старо. Негативното прифаќање од директорите под притисок се пренесе и на дел од професорите, а од нив и на учениците. Се рашири една атмосфера дека компјутерите ќе им пречат на учениците за да пишуваат во тетраките и дека така стоејќи им цел ден пред очи, нема да одолеат, а да не ги оштетат (ова последното беше истакнато од еден од директорите на едно средно училиште во Куманово, на дебатна емисија на една локална телевизија). Така и се случи, кога на една млада личност ќе и креираш слика дека “нешто” не е многу важно, дека ние не го баравме, а тие ни го дадоа, неможеш да очекуваш дека таа личност ќе биде одговорна. Пред очите на директорите и професорите се кршеа тастатури, монитори и замислете не се преземаше ништо. Денешна слика во кумановските училишта е преполовен компјутерски инвентар, во некои училишта тргнат од употреба за да не се дооштети и она преостанатото. Зошто? Одговорот е јасен, за да се направи перцепција дека проектот е промашен, дека Владата “фрлила”  пари на нешто што е непотребно.  Додека ние се гушиме во сопствената прашина која непотребно некој ја крева, некои други општини напредуваат, за нив овој проект беше потребен, најдоа начин како да си ги вклучат компјутерите во наставата, како да ги заштитат од оштетувања и како да одат напред.

    Проектот Деветгодишно основно образование, кој претставуваше напор да се излезе од класичното основно образование кое беше непроменето со децении, исто така беше бурно дочекан и критикуван, дека ќе им биде скратено детството на децата, дека програмите се преобемни. Проектот одлично се одвива, бидејќи некој додека критикувал, заборавил дека денешното шестгодишно дете не е на ист ментален развој и со исти предзнаења како шестгодишното дете од пред 30 години.

    Проектот “Бесплатни учебници” за учениците од основните, а од оваа година и во средните училишта. Се тргна на страна фактот дека семејствата ќе имаат многукратно намалување на трошоците за учебници, кои беа една доста голема сума, секој септември, меѓутоа во преден план се потенцираше дека доколку детето го оштети учебникот ќе мора истиот да го надомести. Се покажа дека децата се попаметни од дежурните критизери и таквото оштетување не се случи. Нема ништо лошо во тоа да им се создаде на децата способност за одговорност кон нештата.

    Остануваат за набројување и други проекти достојни за споменување со кои се прави обид да се  воведе ред во хаосот, неодговорноста, непочитувањето. Таков е проектот „ Електронски дневник„ со кој родителот би имал целосен увид во успехот и редовноста на ученикот по електронски пат. Повторно критика и сеење на недоверба дека тоа е залудно трошење на времето на наставниците и дополнително залагање од нивна страна.

    Во состав на сите овие проекти беше и воведувањето на Бесплатен интернет за училиштата, за да се има допир со сите потребни информации во функција на образованието на младиот човек и да се биде во чекор со модерните општества. Наставниците од основните и средните училишта добија службени лап-топ компјутери за лична употреба, за поефикасно функционирање и посовремено одвивање на наставата, што  не е за занемарување.

    Да не ги заборавиме и двете спортски сали кои што ги изгради централната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Едната во ОУ “Магдалена Антова” во населбата Карпош, а другата во Средното земјоделско училиште “Киро Бурназ”  која што ќе биде пуштена во употреба кон средината на Мај.

    Може уште многу да се набројува  што е направено и што е кочено до сега, а што ќе се направи во иднина. Меѓутоа прашањето е што имаме како напор и заложба на локалната самоуправа на полето на образованието на младите. Освен кочењето на проектите на Министерството за образование и наука, нашата локалната самоуправа не прави НИШТО, освен ако за НЕШТО може да се смета дека:

    • постои целосна партизација на примање на нов наставен и друг кадар во училиштата. Овие кадри се редовни патници во нивните автобуси кои организирано ги ностат на некој “спонтан” собир во Скопје, каде што покрај обврска да одат самите тие, имаат обврска секој под притисок да поведе уште по еден или двајца луѓе заради поголема масовност, поради што трпи наставниот процес и самите ученици. Тоа е “огромен” придонес за образованието на нашите деца.
    • локалната самоуправа при крајот на месец Мај ќе им организира журка на     матурантите, а градоначалникот ќе им плати по една пијачка. Каква ли вредност ќе развиеме кај младиот човек? Веројатно таква по мерка на нашата локална самоуправа.

    Тоа се реалните заложби на нашата локална самоуправа. Ги гледате реалните  заложби и проекти на Министерството за образование и наука и Владата на Република  Македонија, би можеле самите да заклучите кој има реални проекти, а кој ги кочи истите.

    Пораката  содржана во овој текст не ми е цел да ја упатам до градоначалникот, локалната самоуправа или  СДСМ, затоа што знам дека не можам да влијаам на нивното размислување и функционирање како и на нивните политики. Пораката ја упатувам до граѓаните, наставниците, родителите кои што имаат свои деца ученици во основните и средните училишта во Куманово.

    Ако направиме споредба помеѓу проектите на Владата и проектите на Локалната самоурава, ќе видиме дека од една страна имаме бројни капитални проекти, а од друга страна “пијачка за секој матуранат”. Секој родител може самиот да процени што е подобро за неговото дете за да има поосодветно и поквалитетно образование.

    Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

    Петар Поп-Арсов

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*