Bucen Kozjak

Зошто Владимир Ѓорчев е најдобриот избор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ?

Дејан Ристов

Остануваат уште неколку дена до  Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој со одлука на централниот комитет е закажан за 22-23 декември, 2017 година во Валандово.Како членови на ВМРО-ДПМНЕ  се наоѓаме во многу тежок период, полн со потреси,  состојба на тотално срушен морал како последица на повеќегодишно кризирање во државата, но и поради  наплатата  на данокот од многу порано отпочнатите, авто-деструктивни процеси во партијата.Околу причините за нарушениот  кредибилитет на партијата може многу да се пишува, но тоа ќе се обидам накратко подолу само во насока на дообјаснување на некои мои размислувања.За неколку дена делегатите треба да изберат нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ,кој ќе го преземе товарот на управувањето на партијата. Долга е листата на предивици на кои ќе мора одговори.Реформирање на ВМРО-ДПМНЕ,отворање и децентрализација,мобилизација на патриотските сили во одбрана на националниот идентитет, избегнување на изолација и расчистување со искомпромитираните елементи и многу други, некои од нив ќе ги споменам подолу во текстот. Знам дека многу мои сопартијци ќе ми забележат за овој начин на изјаснување во врска со изборот кој следи,плашејќи се дека истиот го ослабнува единството. Јас сум убеден дека ваквиот пристап само може да ја зајакне внатрешната кохезија и довербата на членството во одлуките што ќе  бидат донесени на Конгресот.

Најпрвин би сакал  да изразам почит кон Христијан Мицкоски, за кој сметам е дека е многу квалитетна и стабилна  личност со импресивен интелект и образовна надградба, ја уважувам и со големо внимание ја следам кандидатурата на Филип Петровски, неговата амбиција и енергичност е за восхит.Верувам дека и двајцата ќе бидат дел од новото лице на партијата и тоа како претставници на  највисокото раководство и секако во тимот што ќе управува со Македонија, по победата на првите парламентарни избори. Исто така сметам дека нивните внатрепартиски кампањи кои се во полн ек, освен што придонесоа за анимирање на делегатите, предизвикаа и  драстично зголемување на вмровските антагонизми. Се плашам дека доколку останат само овие две најави за кандидатури до Конгресот, тогаш  понудата ни од далеку нема да го рефлектира вистинското расположение на членовите, нивните надежи и барања за суштински реформи. Мојот став, лична перцепција и убедување,  е дека најдобар избор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ е Владимир(Влатко) Ѓорчев. Ова моја позиција ја споделувам уверен во тоа дека  се работи за:

1. Политичар со висок морален интегритет и значителен партиски континуитет, кој повеќе од 20 години   е активен и посветен  член на ВМРО-ДПМНЕ.

2. Еден од ретките политичари, кој ниту еднаш не отстапи од идеолошкиот фокус, до последен ден ги бранеше вредностите за кои се залага ВМРО-ДПМНЕ.За сите општествени прашања остана доследен до крај, за афирмирање на семејните вредности водеше долги и исцрпувачки кампањи и дебати.Никогаш не престана да верува во системот на вредности  за кои се залага конзервативната десница.

3.Претставник на ВМРО-ДПМНЕ кој цело време одржува одлична комуникација со членовите,секогаш со голема почит и достапност неспоредливo поголема од вообичаената пракса на раководството на партијата,  за што потврда се многуте позитивни искуства низ целата држава.Преку него ќе ја добиеме непосредноста во комуникацијата со народот. ВМРО-ДПМНЕ има потреба од  лидерство кое ќе биде во директна врска со граѓаните, а не лидерство кое ги управува работите од далечина.Ѓорчев  кога се обраќа со “Почитувани браќа и сестри”,тој и навистина го мисли тоа, не постои присутен кој ќе остане рамнодушен на таа силна национална експресија која барем за момент не избавува од маглата на малодушност и дефетизам.

4.Јавна личност која  без поголеми отстапувања градеше позитивен однос кон медиумите,  беше присутен и кога не беше баш пријатно да се учествува во дебатите.  Од него ќе може да се очекува ресетирање на односот кон медиумите во позитивен правец, во исто време посветувајќи се на создавање на силна конзервативна и национална позиција во рамките на актуелната идеолошка борба.

5.Внимателен и одговорен политичар кој во изминатите три години успеа да  не се навлече на патетичната и краткорочна анти-ЕУ и анти-американска реторика.Не дозволи да биде дел од една контрапродуктивна кампања која навлегуваше во  туѓи фронтови, водеше туѓи борби за реализација на интереси кои воопшто не беа  македонски.На среден рок има големи шанси, од прагматични причини, да биде прифатлив за евро-атлантскиот  дел од меѓународната заедница,  како фактор кој е конзистентен во одбраната на македонските национални интереси.

6.  Карактер кој   има изразита некомформистичка и анти-елитистичка појава,што го  става во позиција секогаш да биде близок со граѓаните, и му дава силен имунитет од било какви групирања засновани на лични ,пред се лукративни мотиви. Со својот бунтовнички дух и братска непосредност ќе работи во правец на напуштање на технократско-бирократскиот и централизиран начин на работење на партијата. Како претседател верувам дека вистински ќе ја отвори партијата за членството, така што ќе поддржи суштински внатрепартиски реформи кои ќе ги зајакнат капацитетите на партијата. Многу пати има покажано дека располага со демократски капацитет кој ќе може да ги обедини и мобилизира сите членови  во борбата за подобра иднина  на Република Македонија.

7.Одамна профилиран партиски кадар, кој ниту еднаш не беше дел од извршната власт и за него нема материјал во бомбите преку кои би можел да се искомпромитира.

8.Пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој најмногу од сите  има кредибилитет да побара општа амнестија за сите обвинети за настаните од 27-ми април.Беше директно инволвиран во драмата во Собранието,при што спречи поголема ескалација на настаните,свесен дека со таквото однесување ќе биде осуден и исмеван од своите сопартијци.Но тој е единствениот, кој во тој момент излезе од пратеничката комоција и се осмели  да не биде сеирџија,сообраќаец или пак анестезиран и тотално политички обезличен сведок на фингираната сцена, снимана од сите страни, која имаше за цел да го уништи кредибилитетот на ВМРО-ДПМНЕ,за да не може во иднина да ги брани националните интереси.

9. Пример за новите генерации кој ќе демонстрира силна позиција во напорите за  идентитетското опстојување ,ќе ја добие борбата за зачувување на ВМРО во партиското име, ќе биде еден од лидерите во напорите за национално обединување(етно-национално и граѓанско) и ќе учествува  во зајакнување на коалициските капацитети,посебно со албанските партии и други субјекти, единствено преку коалицирање и соработка  на програмска  и идеолошка основа.

10.Искусен политичар кој е доволно свесен дека треба да работи на унапредување на  на политичкиот дијалог во општеството,на принципиелно позиционирање против криминалот и корупцијата, но и дека располага со огромен маневарски простор во борбата против деструкцијата на актуелната власт која се покажа како опортунистичка, репресивна и анти-демократска.

Изборот за Владимир Ѓорчев е детерминиран од неговиот морален интегритет но и од политичките околности што се прекршуваат околу неговиот политички ангажман кои го дефинираат како компромис, околности во кои нашата партија во најдобар дел немаше или пак имаше епизодно влијание. Она што е важно уште еднаш  да се истакне е дека Владимир Ѓорчев е еден од ретките вистински репрезенти на членството, членство кое за многу работи беше потценето и маргинализирано. Секогаш тука некаде во неблагодарната лојалистичка средина помеѓу од една страна резигнираните и срамно девалвирани сопартијци и гламурозно декадентната и самобендисана партиска номенклатура која со години уживаше во својата автархичност. Не случајно реакцијата на некои при самата помисла Влатко Ѓорчев да биде претседател на партијата,  реагираат со неверување, веднаш исклучувајќи ги  сите можности.

На крај би сакал да истакнам дека како член на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја почитувам одлуката на мнозинството делегати на Конгресот и ќе дадам целосна поддршка на новиот претседател.

Дејан Ристов, секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово и делегат на Конгресот во Валандово

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*