Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Старо Нагоричане и хуманитарната организација „Крепост“, донираа машина за пишување на Брајова азбука на девојче со оштетен вид во селото Облавце.
„На моја иницијатива, а со одлука на Советот се вклучивме во акцијата за купување на Брајовата машина за пишување. Ние обезбедивме дел од сретствата, а останатото организацијата „Крепост“. Поддршка на семејството Бојковски со лични средства даде и претседателот на Советот, бидејќи покрај машината, дониравме и парична помош која ќе се искористи за потребите на детето“, - изјави градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.
Од „Крепост“ се задоволни што успеале за кратко време ја реализирале акцијата, но признаваат дека имале потешкотии да ја најдат машината во странство.
„ Денеска бевме во домот на семејството и изнудивме голема насмевка и радост, особено кај Тања. Посакуваме девојчето на полесен начин да ги совладува образовните проблеми, кои во понатамошниот живот ќе и бидат од големо значење. Паричните средства за купување на машина за пишување на брајовата азбука наменета за слепото девојче беа соберени за многу краток временски период, по што машината ја купивме во Германија“, - изјави Марко Антевски од „Крепост“.
Мајката Ивана Бојковска се заблагодари за помошта, затоа што со заеднички сили на невладината организација и општината е решен еден голем проблем за семејството.
„Многу сме среќни за донацијата. Таа многу ќе и значи на Тања, бидејќи реално и е неопходна за пишување. Додека е во образование, ќе ја користи таа што ја имаме земено на реверс од училиштето, но кога ќе ја вратиме ќе остане без машина. Било што да треба да запише, не може да го стори без неа. Таа друго писмо не гледа и не го разбира, што значи дека може само на Брајово писмо да пишува. Потребна и е за цел живот. Благодарам на сите хумани луѓе и на Општината, - вели Ивана.
Ова не е прва соработка помеѓу Општината Старо Нагоричане и „Крепост“, кои за во иднина најавија нови хуманитарните акции.