×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово е регионален центар без репрезентативен хотел

    23.02.2018 09:13 | KumanovoNews

    Куманово е еден од ретките поголеми градови во регионот кој нема  репрезентативен  хотел, иако се наоѓа на само 30 километри од Скопје и го носи приматот центар на Североисточниот Регион.

    Куманово е регионален центар без репрезентативен хотел

    Општина со над 120.000 жители во која се вкрстуваат најфрекфентните трансевропски коридори исток-запад и север-југ нема ниту еден сериозен сместувачки капацитет. Неколку мали приватни хотели и пансиони во околината на градот, кои можат да примат стотина гости е целокупниот сместувачки потенцијал во Куманово.

    По пропаѓањето на некогашниот „Бисерка“ и затварањето на двата хотели „Кристал“ и „Ку-Ба“, кои имале 400 легла, никој од приватниците не пројавил интерес да изгради слични објекти кои ќе ги задоволат потребите на конгресниот, ученичкиот, бањскиот, спортскиот и секој друг вид туризам во градот и регионот.

        „Како секој поголем град, така и Куманово има потреба и заслужува да има голем репрезентативен хотел, кој ќе го претставува градот на гостите кои доаѓаат во нашата општина. Ние немаме таков објект и принудени сме да ги сместуваме гостите во Скопје и другите околни градови“, вели Лидија Ланг Спасовска, раководител на секторот за урбанизам во Општина Куманово.

    Таа смета дека хендикепот на Куманово во оваа дејност е поради близината на главниот град и местоположбата на аеродромот, па деловните луѓе и туристите повеќе сакаат да се сместат во Скопје, бидејќи за 30 минути се во Куманово ги завршуваат обврските или посетата и се враќаат назад. Најверојатно од истата причина и бизнисмените не гледаат економска исплатливост да инвестираат надвор од Скопје, иако несомнено дека капацитетите би биле пополнети, бидејќи регионот располага со богат туристички потенцијал.

    Мегалитстата опсерваторија Кокино, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричене, меморијалниот центар АСНОМ, спомен костурницата на српската војска Зебрњак, манастирите Карпино, Забел, „Св. Јоаким Oсоговски“ во Крива Паланка, знаменитостите во Кратово, како и културните манифестации Тамбурашки фестивал, Денови на комедија и други привелекуваат голем број на туристи во текот на годината, кои наместо неколку дена остануваат само еден ден. Најчесто, гостите и делегациите кои доаѓаат во Куманово се сместуваат во хотелот „Белви“, поради близината и добрата инфраструктурна комуникација.

    И туристичките работници се жалат дека тоа што нема пристоен хотел за над 100 гости им е голем проблем во работата, бидејќи не можат да организираат поголеми тури на домашни и странски посетители, кои бараат конфор и комплетна услуга за да останат повеќе денови. Куманово е првата дестинација на влезот во државата од север на најфрекфентниот патен правец кон Грција, но не може да задржи ниту еден транзитен минувач, а со тоа и да заработи. Вториот град по големина во државата, го заобиколуваат дури и ученичките екскурзии.

        „Голема пречка во нашата работа е што нема пристоен хотел со 3 или 4 ѕвездички, пред се поради странските гости. Нашите колеги од Охрид, Струмица, Битола, кои се помали од Куманово имаат подобри услови за работа. Во Куманово ретко доаѓаат и учениците кои одат на неколкудневни екскурзии за запознавање на државата поради сместувањето, а немаме ни детски одмаралишта кои би се искористиле за таа намена“, вели Мери Миновска, туристички работник од Куманово.

    Решението на овој проблем, туристичките работници, граѓаните и стручната јавност го гледаат во реновирање на двата хотели „Кристал“ и „Ку-ба“, кои се наоѓаат на атрактивни локации во градот.

     „Она што ме радува е што хотелите ‘Кристал’ и ‘Ку-Ба’ се враќаат на А.Д ‘Бисерка’ и наскоро ќе се најде решение на деценискиот проблем. Јас очекувам тие објекти да се реновираат или на нивно место да изникнат нови хотели, пред сѐ од познати брендови од висока категорија кои можат да примат и над 300 гости, кои Куманово ги заслужува. ‘Кристал’ има извонредни предиспозиции и локација за луксузен хотел, бидејќи зафаќа голема површина и се наоѓа во центарот на градот, а ‘Ку-Ба’ мора да прерасне во спа центар со термо-минерална вода“, вели Зоран Павловски, поранешен раководител во „Бисерка“, сега државен секретер во Министерството за економија.

    Со отварањето на хотелите би се зголемил и економскиот развој во градот, ќе има нови вработувања, а во функција ќе бидат ставени и малите бизниси кои ќе ги опслужуваат овие угостителски објекти, а со тоа ќе се подобри стандардот на живеење во градот.

    „Кристал “ и „Ку-бА“ ги уништи криминалната приватизација

    Хотелите „Кристал“ и „Ку-Ба“, некогаш припаѓаа на угостителското претпријатие АД „Бисерка“, во чиј состав беа и хотелот „Куманово“, првиот хотел во градот, кафеаните „Мостар“, „Пчела“, „Ловец“, „Палас“, минералните извори на Кумановска Бања, каде се произведуваше минералната вода „Кумановка“. Во матна приватизација претпријатието наместо да се развие, се уништи. Дел од објектите се продадени, а останатите се распаѓаат. Денеска тие се целосно руинирани и ограбени, свртилишта на бездомници и корисници на наркотици.

    Кумановци се надеваат дека локалната самоуправа и државата нема да дозволат атрактивниот простор на  хотел „Кристал“ да се пренамени за изградба на зграда или трговски центар, туку бараат исклучиво да се задржи основната дејност и тука да се издигне луксузен хотел.

    (С.Николиќ)