Bucen Kozjak
05. 12. 2017 09:30

Златибор идеално место за зимски туризам

Златибор идеално место за зимски туризам

 Туристичката организација Златибор ја претстави овогодишната зимска понуда во Македонија. Минатата недела во Амбасадата на Република Србија во Скопје, пред новинарите и туристичките работници, се одржа презентацијата на туристичкиот потенцијал на Златибор, на која домаќините покажаа уште еднаш дека имаат капацитет и знаење да ги привлечат туристи од целиот регион.

„Ова е навистина еден пријатен настан и се надевам дека посетителите ќа ја задоволат својата љубопитност. Оние што веќе биле на Златибор ќе видат што е ново, а оние што планираат да заминат ќе ги видат природните убавини и пекрасните пејсажи. Не попусто Златибор е кралица на туризмот во Србија“,- рече во свеото обраќање амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ.

Првата официјална промоција на Златибор пред македонските туристи беше во 2010 година кога е потпишан и меморандумот за соработка помеѓу Македонија и Србија, а оваа година се организираше промоција и во Охрид.

Потпретседателот на Општина Чаетина, Арсен Ѓуриќ се заблагодари на подршката и истакна дека на Златибор, како најголем туристички центар во Србија, бројот на гостите постојано расте, а голем дел од нив се и од јужниот сосед.

Тој го истакна и традиционалното златиборско гостопримство како предност  Златибор да биде дестинација за одмор на голем број македонски гости.

„Секоја година ги потсетуваме нашите гости во Македонија за постоечкиот туристички потенцијал, но и за новите содржини. Најзначаен проект кој е во фаза на реализација се панорамските гондоли од центарот на Златибор до ски центарот Торник. Во тек е и изградбата на Културен центар Златибор, велосипедска и пешачка патека, 4 нови хотели кои ќе бидат категоризирани со 4 и 5 звездички. Тоа ни покажува дека сме на вистинкиот пат бидејќи со зголемувањето на гостите се зголемува и квалитетот на сместувачките капацитети“, - рече Ѓуриќ.

На Златибор во моментот има од 25-30.000 легла во хотелите од висока категорија, вилите, приватните сместувања и апартманите.

Домаќините го препорачуваат Златибор за зимски планински туризам, бидејќи на 9 километри од центарот е скијашкиот центар и жичарницата Торник. Ски лифтот функционира и во летниот период, а се користи за панорамско разгледување на Златибор.

Туристичката организација Златибор и општината Чаетина, водат сметка и за културните содржини, па организираат голем број на концерти на отворено за посетителите. На Кралскиот плоштад во самиот центар на градот, покрај езерото, и годинава ќе се организира пречек на Нова година со познати музички групи и пејачи, а прославата ќе започне од 29 декември.

Туристите задолжително треба да ги посетат прочуените: Музеј на отворено Сирогојно, Стопиќа пештера, Водопадите во Гостиље, Шаргански осмици, Етно село Дрвенград на режисерот Емир Кустурица, Андриќ град, голем број на манастири и други места. За сите овие туристички атракции домаќините организираат еднодневни екскурзии и посети.

Поради зголемената посетеност на македонските туристи, домаќините за своите редовни гости овозможуваат специјална понуда и попусти.

Златибор се наоѓа во Западна Србија и од Куманово е оддалечен околу 350 километри. Просечната надморска височина на Златибор е 1.000 метри, а највисокиот врв Торник се наоѓа на 1.496 метри.

Златибор идеално место за зимски туризам