Кодекс за родова рамноправност на Кумановоњуз
Кумановоњуз се обврзува на активно промовирање на родова рамноправност во сите аспекти на своето работење, со цел обезбедување еднакви можности и правичен третман на сите лица, без разлика на пол и род.
Со Уставот на РСМ се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност, а државата е потписничка на меѓународни договори меѓу кои се Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на човекот и граѓанинот и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права на Обединетите Нации. За заштитата на правата на жените и за постигнување родова еднаквост и рамноправност во сите сфери на општествениот живот, особено се значајни Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулската конвенција), како и Пекиншката декларација и Платформата за акција, потпишани од Република Северна Македонија.
Кодексот за родова рамноправност на порталот Кумановоњуз е создаден со цел да ги унапреди основните принципи на еднаквост и да се осигура дека во новинарството и медиумската продукција нема место за дискриминација, сексизам или стереотипи.
Принципи на родова рамноправност и инклузивност
Родова рамноправност
Кумановоњуз се обврзува да ги третира сите родови еднакво и со почит. Сите новинарски содржини треба да го поддржуваат и промовираат принципот на родова еднаквост во сите области на општественото живеење, вклучувајќи политика, економија, образование, здравство, култура, спорт и сл.
Недискриминација и инклузивност
Содржините треба да бидат инклузивни и да не ги поттикнуваат родовото насилство, нееднаквостите и дискриминацијата. Сите индивидуи, без разлика на пол, сексуална ориентација, самоидентификација и други карактеристики, треба да бидат претставени правично и со почит.
Превенција од родови стереотипи
Медиумите треба да ги избегнуваат стереотипите и предрасудите поврзани со половите и родови улоги. Пораките и содржините што се објавуваат треба да поттикнуваат позитивни примери на родова инклузивност и да ја промовираат разноликоста во општеството.
Заштита на правата на ранливите категории
Медиумите треба да обезбедат правична и точна презентација на ранливите категории, како што се лица со инвалидитет, етнички малцинства, ЛГБТК+ заедницата и други маргинализирани групи. Треба да се избегнуваат стереотипи и дискриминаторски наративи кои можат да ја продлабочат нивната маргинализација. Промовирањето на инклузивност и еднаквост е клучно за подобрување на нивниот статус и права во општеството.
Гарантирање на еднакви можности во медиумската продукција
Кумановоњуз се обврзува да обезбеди еднакви можности за сите новинар(к)и, без оглед на полот и родот. Жените и мажите имаат еднаков пристап до работни позиции, платформи и ресурси, како и до можности за напредување во кариерата.
Обврски и заштита на новинар(к)ите и редакцијата
Објективно и правично известување
Новинар(к)ите на Кумановоњуз се обврзуваат да ги презентираат сите случувања и настани без родова пристрасност. Извештаите треба да бидат базирани на факти, без да се создаваат неправедни или навредливи претстави за родовиот идентитет и родовите улоги.
Препознавање на родовата нееднаквост
Новинар(к)ите имаат обврска да препознаваат и известуваат за сите форми на родова нееднаквост и насилство, вклучително и сексуално насилство, насилство врз жените и дискриминација на работното место. Тие треба да ги едуцираат читателите за важноста на родовата рамноправност и да промовираат начини за решавање на овие проблеми.
Избегнување на сексистички јазик и фотографии
Кумановоњуз се обврзува да избегнува користење на сексистички јазик, фотографии и содржини кои ја засилуваат дискриминацијата на жените и мажите. Секој новинарски текст треба да биде внимателно проверен за да се осигура дека не содржи јазик кој може да биде сметан за сексистички или навредлив.
Обезбедување на рамноправна застапеност во медиумските содржини
Во новинарската работа треба да се обезбеди рамноправна застапеност на жените и мажите во сите области и да се даде простор за теми поврзани со родова рамноправност.
Одговорност на новинар(к)ите и медиумот
Почитувајќи го принципот дека во демократското општество медиумите се слободни, самостојни, истражувачки и отворени за различни мислења, новинар(к)ите за својата работа сносат одговорност пред јавноста, законот и пред Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Обврски на уредништвото и управниот орган
Главниот/та уредни/чка и управител/ка е одговорна за осигурување дека сите новинар(к)и ги почитуваат принципите на родова рамноправност и преземаат активности за превенција од дискриминација и стереотипи. Тие се одговорни за создавање на политики и процедури кои ќе гарантираат дека новинар(к)ите и редакцијата ќе бидат соодветно обучени и информирани за важноста на родовата инклузивност. Управниот орган треба да се ангажира во мониторирање и оценување на примената на кодексот, како и да презема соодветни мерки во случај на негови прекршувања.
Прекршување на одредбите од Кодексот за родова рамноправност
Новинар(к)ите се должни да се придржуваат кон одредбите на Кодексот за родова рамноправност. Во случај на негово прекршување, треба да се пријави кај главниот уредник/главната уредничка и управител/ка. Истовремено, редакцијата и новинар(к)ите се обврзани да преземат соодветни мерки за исправка на штетните последици. Прекршувањето на кодексот може да доведе до дисциплински постапки, кои вклучуваат јавни опомени, објавување на исправка или демант, како и други санкции.
Пријавување и постапување при вознемирување и насилство
Сите вработени и ангажирани лица во медиумот се должни во случај на било каков вид вознемирување, насилство, вклучувајќи и родово базирано насилство и злоставување од нивни колеги/шки, да го пријават случајот. Главниот/ата уредник/чка е должен/а да утврди дали дошло до вознемирување и, ако е тоа случај, да покрене дисциплинска постапка против лицето. Доколку е неопходно, случајот може да се пријави и до Советот за етика при ЗНМ.
Комуникација и обука
Едукација за родова рамноправност
Кумановоњуз континуирано ќе ги едуцира новинар(к)ите и вработените за важноста на родовата рамноправност, како и за препознавање и спречување на родова дискриминација во новинарството.
Поддршка на истражувачкото новинарство за родови прашања
Кумановоњуз ќе ги поддржи новинар(к)ите да истражуваат и пишуваат за важни родови теми, како што се правата на жените, родовата нееднаквост, насилството врз жени и девојчиња, како и предизвиците со кои се соочуваат луѓето со родова различност во заедницата.
Завршни одредби
Сите вработени и ангажирани лица во Кумановоњуз имаат обврска да потпишат изјава дека ќе се придржуваат кон одредбите на Кодексот за родова рамноправност и во целост ќе го почитуваат.
Редакцијата и управниот орган се должни да го истакнат Кодексот за родова рамноправност на видно место во просториите на редакцијата, како и во електронска форма на медиумот.
Кодексот за родова рамноправност ќе се евалуира на секои 3 години или порано, доколку се јави потреба од тоа.
Кодексот за родова рамноправност на Кумановоњуз има за цел да обезбеди фер, правичен и рамноправен медиумски простор за сите, без разлика на род, пол или сексуална ориентација. Со почитување на овие принципи, Кумановоњуз ќе продолжи да биде пример за одговорен и етички медиум, кој активно се залага за родова еднаквост и инклузивност во сите аспекти на своето работење.
Појмовник
Родова рамноправност
Родовата рамноправност подразбира еднакви права, обврски и можности за сите, без разлика на полот. Овој принцип ја истакнува важноста на правичен третман на сите, со почитување на различностите и исклучување на било каква форма на дискриминација базирана на род.
Род
Род се однесува на социјалните, културните и психолошките карактеристики, однесувања и улоги што општеството ги поврзува со различните полови (женски и машки). Родот не е само биолошки, туку вклучува и општествени и културни фактори што се поставени како очекувања за тоа како треба да се однесуваат мажите и жените.
Родов идентитет
Родов идентитет е личното искуство на индивидата во врска со тоа како се идентифика со својот пол, без оглед на биолошките фактори. Родовите идентитети може да бидат машки, женски, небинарни или да се наоѓаат надвор од традиционалните категории.
Родов стереотип
Родовите стереотипи се претпоставки или општествени убедувања кои наметнуваат одредени улоги или карактеристики на луѓето базирани на нивниот пол. Овие стереотипи често остануваат незабележани и можат да водат до дискриминација, ограничувајќи ги индивидуалните способности и права.
Родовото насилство
Родовото насилство се однесува на насилство, злоупотреба или дискриминација што се случува поради нееднаквоста помеѓу половите. Ова вклучува насилство во домашната средина, сексуално насилство, психолошко и физичко малтретирање, како и економско насилство.
Родовата инклузивност
Родовата инклузивност подразбира создавање на општествени услови и практики кои го поддржуваат и почитуваат правото на секое лице да се изразува и живее во согласност со својот родови идентитет, без да биде изложено на дискриминација или насилство.
Родова дискриминација
Родова дискриминација се јавува кога лицето е третирано несоодветно поради својот пол или родов идентитет. Ова може да се изрази на различни начини, како што се нееднакви плати, дискриминација на работното место, непочитување на правата или можностите за напредување во кариерата и други облици на нееднаквост.
Сексизам
Сексизмот е став или уверување кое подразбира дискриминација или нееднаквост помеѓу половите. Може да се манифестира како негативно однесување,несоодветна употреба на јазик или вредности кои ги деградираат или потценуваат едниот пол, особено женскиот.
Говор на омраза
Се дефинира како секоја форма на комуникација која поттикнува или го оправдува насилство, дискриминација, омраза или непријателство кон индивидуи или групи на луѓе на основа на нивната раса, етничка припадност, религија, националност, пол, сексуална ориентација, инвалидитет, или други лични или колективни карактеристики. Говорот на омраза може да вклучува вербални напади, писмени изјави, симболи или акти кои предизвикуваат чувство на страв, омраза или навреда и имаат потенцијал да предизвикаат штета, поделби или насилство во општеството.