Мени

Бебе се родило па некој мора да га љуља

28.03.2026 08:24 | Емил Ташевски
Емил Ташевски

Од последната седница на Советот на општина Куманово, посветена на советнички прашања, освен што неброено пати ги слушнавме зборовите „дополнително“, „првенствено“ и „во континуитет“, дознавме и дека нашиот градоначалник поседува ретка, речиси магична способност: да го земе секој проблем во градот и нежно да го врати, како изгубен паричник, назад во џебовите на граѓаните. На крајот на краиштата, како што мудро нè потсетува во секоја прилика, бебето е родено - и тој е тука да го „љуља“. На пример, за актуелната тема околу кучињата скитници, неговиот однос е да ги убеди сите, и првенствено и дополнително, дека ако бебето каса кога му раснат запчиња, тогаш вината е кај граѓаните. Особено кај оние кои претходно биле на власт и донеле таков закон. Вината не е кај некого што седи веќе една деценија во најудобната градска фотеља и зборувал многупати за стационар. Тоа бебе не каса зашто нема општински витамин Д, поради загаден воздух и смрдлива река.

Бебето нема каде да си игра кога ќе му пораснат заби, но неговата ДНК му ја одредила судбината, раѓајќи се во наше Куманово и како цицалче тоа не смее да се меша во комплексната бирократија, а камоли да бара градинки или пак паркови.

Вистина, истата дадилка го ниша ова дете речиси една деценија, но не смееме да го притискаме. Развојот на едно дете е сензитивен. Замислете бебето да е напредно одеднаш да стане и да поставува прашања!

И кога, по пет години темнина, бебето конечно ќе ги отвори очите, има што да види, семафорите работат! Чудо! Светлина! Цивилизација! 

Секако, на секоја добра детска соба ѝ е потребен раскажувач. Нашиот „првенствено и во континуитет“ се однесува како раскажувач пред спиење, осигурувајќи се дека ниедна сурова реалност не го нарушува сонот на бебето.

Само што, бебето повеќе не е бебе.

Оди во училишта за кои не се знае на чиј имот се направени. Оди на работа. Плаќа сметки. Го каснуваат кучиња. Разбира што е ДУП, што е ГУП. Се вљубува. Се жени. Зема кредит. Вози совесно. Чисти околу реката која припаѓа на композиторите на химната. И некој сè уште инсистира да го ниша наместо да го носи на училиште, на лекар, во иднината.

Можеби е време да престанете да го нишате бебето.

Затоа што во оваа приказна, единственото нешто што одбива да порасне е неговата дадилка.

Токму тоа е талентот што нашата дадилка го усовршила со текот на годините. Да ги убедува родителите дека е најдобрата, најисплатлива дадилка за нивните деца. Да им ги чита проектите од својата предизборна програма со приспивен и заводлив тон како Шехерезада. Да го претвори секој неостварен проект во вина кај луѓето што се двоумеле да му дадат мандат. Да ги потсети граѓаните дека „Бебето се роди, некој мора да го ниша. Јас го имам најдобриот релаксатор и притоа не живеам од платата како дадилка“.

Не, вие не го нишате бебето. Вие не му давате ни чај против грчеви. Вие постојано ги обвинувате неговите баби и дедовци ако не му ја превривале цуцлата. Вие само го засмејувате. А не му ги менувате ни пелените кога се „затајува“.

Дадилката единствено што ниша е сопствената илузија дека се уште има контрола негледајќи низ прозорецот дека детето е надвор и ги прескокнува дупките на улиците, само се брани од кучињата скромно надевајќи се дека еден ден во иднината градот во којшто е родено ќе има кино и театар за да немора да оди во Драчево.

Што повеќе ниша, толку повеќе станува јасно дека проблемот никогаш не бил во детето туку во оној што одбива да признае дека времето за нишање поминало. Детето го научи јазикот на сметките, урбанистичкото планирање, секојдневните проблеми. Научи да разликува бајка од реалност и токму затоа секое ново нишање делува се повеќе како обид да се оттурне вистината, а не да се помогне.

Вистинската грижа не е во нишање туку во водење. Не е во приспивните песни, туку во одговорноста. Не е во повторување на зборови, туку во промена на состојби. И можеби најважното прашање повеќе не е дали бебето ќе порасне, туку дали дадилката ќе има храброст да признае дека веќе нема кого да ниша.

 

Емил Ташевски, Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*