Да си
Секогаш кога сакам да пишувам, сфаќам зошто пишувањето не е лесно. Затоа што подразбира напор да се избориш со сето она кое те поттикнува на пишување, а сакаш со него да поттикнеш на размислување. Многу е комплексно, навистина. Многу. До ниво на задушување од сопствената грутка на немоќ и неспособност да сфатиш, да прифатиш, да не изговориш. Затоа што сфаќаш дека молкот е еден убав механизам на преживување и мошне е корисен за здравјето, се чини. Но сепак, секој кој има глас во грлото (а сите треба да го имаме како опција за израз, а не како декоративен елемент на замолкнат живот кој поминува покрај нас без да сетиме), треба да го испочитува и да му даде моќ. Затоа што ја има.
Ќе речам вака: Навистина е уметност да живееш денес во една ваква токсика, во едно вакво деградирање на секоја нормалност која се бори за воздух, човече. Во еден ваков театар на апсурдот.
Зошто? Еве зошто:
Да си болен, а да немаш саглам доктор кој ќе те гледа како патилец на кој му треба помош. Освен ако не отидеш на преглед во приватна клиника. Тогаш те третираат како човек. Оној кој ќе остане со празен џеб, ама ќе си рече:"Остај, жив сум". Освен и ако не отидеш после 15 часот кај истиот лекар на државна клиника, оној кој за тебе наутро во истата таа клиника, нема термин. Оној кому мораш да му го платиш прегледот како да е приватен. Во државна клиника. Да чекаш за лекови кои ти го решаваат животот. И да не ги добиеш. Да чекаш за снимања кои треба да покажат до каде е она кое те демне и од кое се плашиш. И да не дочекаш. Да шеташ низ апотеките за да најдеш иљачи. Само да ги најдеш, ако се изгор.
Да си учител, а да немаш ни интелектуална, ни човечка слобода, која низ вените учителски едноставно мора да тече, затоа што само слободен во умот и постапките ќе те сторат учител со сите нишани. Оној кој нема да им робува на хартиите, на тоа кој го вработил и за тоа му должи веднење глава, на тоа колку се небулозни наставните програми - затоа што, ако децата ти се важни, учителу, мора да изговориш: "Да, небулозни се, господо надлежни. Го девастираат знаењето, ги отепуваат децата и мора да се постапи поинаку кога е во прашање ваков сериозен воспитно-образовен конструкт". Но не, зоната на комфорот на заталканите во училиштата не се загрозува така лесно. Што е битно какви деца продуцираме? Што е битно од какви учебници учат? Што е битно среќни ли се во тој простор, во кој раснат и зреат? Само еден сегмент: А зошто да не се биде оној кој, на пример, нема да губи од настава затоа што во време кога има часови ќе го обучуваат како да работи со вештачката интелигенција - осуден е да прифаќа дека барем половина од децата во класот ќе имаат ист есеј или задача решена на ист начин, благодарение на фактот дека веќе не се ни трудат да го користат умот, да смислат, да се препотат тражејќи решение, да разгледуваат опции, да собираат сознанија од различни извори, да споредуваат, да заклучуваат, да читаат, да градат свој став кон она што треба да го знаат - веќе си ги имаат другарчињата Chat GPT, GEMINI, CLAUDE, CANVA, COPILOT и уште куп други. Што па им е потребно да мислат? Оди да те видам, учителу, научи ги дека само тој став, кој покажува како го гледаат она што го учат денес и благодарејќи на тоа, како ќе го гледаат светот утре, всушност е основата преку која влегуваат во материјата и можат да ја разберат. Но да, учителот не беше со децата, затоа што учеше како да користи алатки за ВИ. Оние кои децата веќе ги имаат во малиот прст. Не дека не треба да се држи чекор со времето, секако дека мора. Зборувам за губењето на конекцијата со најважните-децата, додека тој пат се изодува. А се губи, и тоа како. Или уште еден сегмент: А зошто да не се биде оној кој, на пример, нема да прифаќа да користи универзален приод кон сите ученици, и покрај задолжителните безвезни подготовки за час, уредно скоцкани за пред некого кој не знае баш како дише училницата и чиишто посети се најавуваат како Судниот ден, та сите се растрчуваат тогаш? Зошто се губи од вид дека тие деца се СИТЕ, но не се ИСТИ и препознавањето на нивната неистост е императив на училницата? Зошто не? Затоа што е тешко? Тешко е. Ама затоа си учител.
Да си студент, а да слушаш како те мерат преку тоа дали ќе јадеш за 100, 120 или 147 денари. Да ти кажуваат и око да не им трепне дека за 120 денари можеш сешто да си купиш. Дури и цигари и запалка. Ако земеш од поевтините запалки, ехеее, и кусур ќе ти остане. Кој како тебе, иднино на оваа земја. Што има врска што студентските домови се хорор. Што повеќето од професорите се олицетворение на ароганција, на недостапност и што и денес, шансите да положиш ти се поголеми ако до тебе на испит стои учебникот на професорот. Оној кој ти предавал така што читал од него. Ако не е на политички собир. Што има врска што во основа, овде од тебе не се ни бара да знаеш? Ако го сакаш тоа, учи на друго место, овде тоа нема да го добиеш. Овде треба да си подобен, не учен. Овде треба да имаш врат под главата, а да не го користиш за да ја кренеш. Што има врска што твоите другари од соседството толку долго и толку прекрасно носеа револт во грлото, во тупаницата крената угоре и во стапалата со кои изодеа стотици километри, но се изборија за себе и она што ќе им се вика Утре, додека ти молчиш, се мачиш и се трудиш да побегнеш што подалеку оттука? Ехо си, наместо глас. И не си виновен. Вината живее на друга адреса. Ти си само осуден да ја носиш како своја.
Да си било кој од нас, а да голташ смрдеа и да не можеш да отвориш прозорец. Да го гледаш своето секојдевие во напластен смет, како веќе подразбирлив и нормален декор во нашата пиеса, полна со реа на истурени кеси, сардисани од глутници кучиња. Не ти се тебе под прозорецот, добро е.
Да си.......Кој и да си во оваа напатена земја, едно е сигурно: Битисуваш во атмосфера на бессрамие, безумност, лажење, немање, притисок, грабање и би рекла, можеби во рамките на една од најстрашните придобивки на денешниов живот тука - во стегите на горчливиот вкус на чувството дека тука да си чесен, вреден, тивок, културен, пристоен, да умееш да мислиш, да си необоен и твојата боја само да е човечка и никако поинаква, да си чист во умот, душата и срцето, навистина подразбира само едно: Хендикеп.
Елизабета Секирарска, наставник во пензија
Други колумни од Елизабета Секирарска
Од што боледува Куманово?
03.10.2026
Сагата за една сложувалка
12.09.2026
Паралелни корона светови
28.05.2020
Приказна за една воспитно-образовна деценија
28.05.2017
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*