Додека едните пишуваат, другите не читаат
Овој наслов не е случаен, го позајмив како инспирација од гостин во еден подкаст, но...
Иако по стоти пат се зареков дека нема да навлегувам во дуели на јавна сцена предизвикани од колумни на разноразни јасновидци од ДПМНЕ и дека нема да дозволам да ме исправоцираат, сепак, драги мои, луѓево се до таа мерка без осет што се случува околу нив, што едноставно човек и да сака не може да остане рамнодушен на нивните визии и самозадоволувања што мора нешто и да им одговори, онака - у брк, за да разберат кај се наоѓаат, чисто од географски и од хигиенски причини.
Така, повторно, еден од главните јунгер-јуришници на ДПМНЕ во градот, во своја колумна, и во препознатлив стил за сите нив (кога читаш еден како да си ги прочитал сите), повторно ни дава памет како Куманово плачело за заедништво на сите партии и чинители во градот, за во следната реченица да констатира дека се собирала не знам каква енергија во 2013 година, на Денот Д истата да експлодирала и демек да го срушеле злото у Куманово, малтене човекот тргнува во битка до последна капка крв... Бог да чува од вакво заедништво !!! И...тргнува сега повторно со пензионерите, со дивоградбите, со патиштата и си реди човекот се што си пишува во НАЈновиот завет на Библијата - оној по Св. Грујо кај што тече само мед и млеко, арно ама тоа комуњарите не биде писмени да го прочитаат. Пази молим те, дечково се фали и со Пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг, иста онаа пресуда која се заснова на одредбите од времената спогодба со Грција, која ја потпиша оној нели „предавникот„ Црвенковски - како што јунгерот-јуришник ќе ги нарече анти-македонските внатрешни политички фактори, арно ама сега била супер спогодба зашто сме добиле позитивна пресуда - бре, бре, бре, пази молим те, што бистро момче !
Па јунгерите вовеле и нов политички тренд во функционирањето во државата што сега ќе ни го наметнеле и на нас во Куманово! Еееее, тука те чекав, мајсторе !!! Случајно . . . или можеби не, до мене стигна скратената листа од последните 9 можни кандидати за нов Претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ, а тоа нели, се луѓето кои треба да ни воведуваат нови трендови, да не учат како се работи, да ни покажуваат таблица на множење и делење . . . И, има што да видиш - се реформатор до реформатор, се нов кадар до нов кадар, кои сега пак у финалната рунда, ќе иделе на бокс-меч кај Св. Грујо да ги попрска со крстена вода и од нив да го избере најголемиот реформатор! Арно ама, нешто је труло у држави Данској! Нема ниту еден човек кој извршувал сериозна општествена функција, нема ниту еден човек за се замислиш па и барем во себе да кажеш - морее, овој е арен! ЈОК, наместо тоа имате на симпатичната кадровска листа месари, имате и бивши малотрговци со кафе и лимонада и деца на бивши притвореници! Чудо едно од квалификуван кадар да спроведе реформи, да ни отвори очи, да не врати на прав пат.
Затоа, драги мои ВМРО-вчиња, ВЕ МОЛАМ, убаво ве молам, со шлаг и јагода одозгора на молбата - НЕМОЈТЕ више вакви луѓе да ме реформираат, најдете си кадар ако сакате сериозно да разговарате . . . У ствари, како почнавте сите институции у Куманово да ги полните со скопјани, кратовчани, кривопаланчани, вие изгледа и немате саглам кадар . . . чисто за муабет, за ништо повеќе !!!
Виктор Божиновски, Виктор Божиновски
05.07.2026
14.03.2026
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*