Мени

Когенеративна електрана во Куманово

25.04.2026 16:31 | д-р Миле Јакимовски
д-р Миле Јакимовски

Зимата заврши, како што завршија и локалните избори за кои пишував во една од моите минати колумни „По утрото денот се познава“. Таа колумна ја разбранува јавноста – добив многу реакции, јавувања и коментари, вклучително и од пријатели кои се слагаа, а за воља на вистината имаше и такви кои не се слагаа со моите ставови.

Резимето е едноставно: проценката за изборниот резултат беше точна, затоа што не гледав навивачки, туку реално. Но тоа воопшто не е суштината. Уште тогаш јасно порачав дека победата на избори не значи ништо без резултати. Граѓаните очекуваат решавање на проблемите – не само на тековните комунални, туку и „ Визија за иднината на Куманово.“

Каде треба да се движи единствениот град во Македонија кој се наоѓа на крстосница на двата европски коридори – Коридор 8 и Коридор 10? И воедно најголемата општина во државата која според својата национална структура претставува вистинска „Македонија во мало“. Со доаѓањето на пролетта како да забораваме на најголемите проблеми што ги чувствуваме секоја зима греењето,загадениот воздух, високите сметки за електрична енергија.

Затоа решив токму сега да го потсетам градоначалникот – нели тој е „прв меѓу еднаквите“ – но и граѓаните и нивните преставници советниците, dека овие проблеми не исчезнуваат со завршување на зимата. Тие се враќаат секоја година.

Градот досега нуди само парцијални решенија и тони хартија за секакви студии. Но постојат и стратешки решенија, кои на подолг рок можат да го направат Куманово поконкурентен град, попривлечен за индустријата, подобро место за живеење. И токму затоа сметам дека време е за сериозен проект.

Време е за когенеративна гасна електрана

Во време кога цената на енергијата станува еден од најголемите економски и социјални предизвици, градовите што инвестираат во сопствени енергетски системи создаваат долгорочна стабилност. Куманово, како втор индустриски центар во државата, има реална можност да направи таков чекор – изградба на когенеративна електрана со систем за топлификација.

Што е когенерација?

Когенерацијата е технологија при која од едно гориво истовремено се произведуваателектрична и топлинска енергија. За разлика од класичните електрани, каде голем дел од топлината се губи, кај когенерацијата таа топлина се користи за греење на градот, индустријата или јавните институции. Ефикасноста на ваквите системи достигнува 85–90%, што е речиси двојно повеќе од традиционалните електрани.

Зошто токму Куманово?

Куманово има неколку сериозни предности за ваков проект голема концентрација на население, индустриски зони со постојана потреба од енергија, компактна урбана структура погодна за топлификациска мрежа, постоечка гасна инфраструктура преку ЈП „Куманово Гас“.
Со една ваква електрана градот може да добие стабилна електрична енергија,централно греење за домаќинствата, пониски енергетски трошоци за индустријата, значително намалување на загадувањето.

Колку би чинел проектот?

За град со големина на Куманово реална би била когенеративна електрана со капацитет од: 30–40 MW електрична енергија и 35–45 MW топлинска енергија. Приближната инвестиција би изнесувала 60–80 милиони евра. Тоа е инвестиција од ранг на среден инфраструктурен проект, но со огромни економски и еколошки ефекти.

Од каде средства?

Финансирањето може да се обезбеди преку повеќе институции на:европски фондови за зелена енергија, Европската банка за обнова и развој (EBRD), јавно-приватно партнерство, државни програми за енергетска транзиција. Ова е главна и актуелна тема, во корпусот на мерки наречени „зелена транзиција“ така да постои можност за добивање и одреден процент на грантови.

Економски ефекти

Една ваква електрана може годишно да произведува: 250 до 300 GWh електрична енергија, околу 200 GWh топлинска енергија. Тоа значи греење за 20.000 – 25.000 домаќинства, стабилна енергија за индустријата, намалување на користењето на дрва, јаглен и нафта, а со самото тоа намалување на загадувањето ви градот. Во финансиска смисла, проектот може да генерира 20–25 милиони евра годишен приход, што значи дека инвестицијата може да се врати за 6–8 години. Но најважно е што когенеративната електрана не е само енергетски проект. Таа е развојна стратегија за градот. Градовите што имаат сопствена енергетска инфраструктура се поотпорни на енергетски кризи, попривлечни за инвестиции, поеколошки и поодржливи.

Време е за визија

Долго време енергетските прашања се гледаа како исклучиво државна надлежност. Но современите градови покажуваат дека локалните власти можат да бидат двигател на енергетската транзиција. Когенеративната електрана во Куманово не е утопија. Тоа е технички изводлив и економски оправдан проект.

Прашањето повеќе не е дали може?

Прашањето е дали имаме визија и храброст да го реализираме?

Со инвестиција од околу 60–70 милиони евра, Куманово може да добие систем што ќе: обезбеди греење за илјадници домаќинства, ќе ги намали трошоците на јавните институции, ќе го намали загадувањето што секоја зима го дишат граѓаните. Истовремено, ваквиот проект би значел: нови работни места, посилна локална економија, поголема атрактивност за инвестиции. А да не заборавиме и еден историски факт. Куманово имало електрична централа пред повеќе од сто години, во близина на стариот Житомел. Денес – нема. Тоа значи дека нашите предци имале повеќе визија од нас. Енергијата отсекогаш била основа на развојот.

Недобронамерните „сеирџии“ ќе кажат дека не му треба на градот вакво нешто бидејки цената на гасот расте, но треба да се запрашаат дали не расте и вкупната цена на сите енергенси? Сепак заради големиот процент на искористеност когенеративната електрана дава најдобри перформанси и најекономични инпути. Градовите што ја контролираат сопствената енергија – ја контролираат и сопствената иднина. И како што велеше еден мој пријател, тоа е порака и до актуелниот градоначалник и советниците:

„За развој на град и регион треба играчи, а не свирачи.“

(Авторот е вработен во А.Д. ЕСМ“ , но ова се негови лични ставови и согледувања, и не преставуваат политика на компанијата)

д-р Миле Јакимовски, доктор по агроекономски науки

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*