×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Од НАС зависи!

    Сашо Тодоровски

    Ветувања, лаги, притисоци, казни, закани и пак закани, казни, притисоци, лаги, ветувања.

    Како и дали Македонија може да излезе од овој маѓепсан круг на нечистотија, лошотилок и пред се  лоша и болна политика.

    Можеби некој ќе рече што има политиката врска со лошотилакот и останатите работи.Но сигурен сум дека сите овие гореспоменати работи се рецидив на лошата и погубна политика која со Македонија владее скоро 11 години, каде се изместија вистинските вредности, каде дел од луѓето станаа насилни, завидливи, станавме земја во која мора да си член на владејачката партија за да напредуваш, ако не си со нив или покрај нив ти си против нив, па тогаш ќе може да ти се закануваат.Се прашувам од каде тоа, зошто тоа?

    Зошто не се споредиме со Финска, Шведска, Данска, Германија, каде нема потреба вашето работно место да зависи од политиката, или во никој случај што е таму незамисливо,  некој да ви се осветува  или нанесува штета зошто сте од друга политичка страна.

    Само погледнете го  Собранието кај нас. Слушнете го речникот и начинот на комуникација кој таму се користи? Посебно последниот викенд кога на ,,гости,, им беше специјалната обвинителка подржана од сите политички партии. Зошто напади, зошто дискредитирање? Таа е жената која со својот тим од обвинители е поставена да го осуди и расчисти криминалот во Македонија, а нели сите сакаме секој кој направил криминал да одговара . Дали таков треба да биде речникот на луѓето кои ја претставуваат Македонија?

    Но ајде да погледнеме на фактите во очи и да ја признаеме вистината.

    Дали е вистина дека скоро секој млад човек сака да си замине?

    Последниве 11 години, огромен број на наши сограѓани, преку 200 000 илјади си заминаа од нашево општество.Значи општество, не Македонија. Македонија ни е земја , татковина која ја сакаат сите кои заминуваат, родната земја си ја носат во срцето. Тука првпат прооделе, тука проговориле, тука ги виделе првите насмевки, ги доживеале првите љубови, првите победи и разочарувања. Тоа се работи кои вечно се врежуваат во нашите умови. Тука кај нас на луѓето не им се допаѓа општеството, начинот на кој се раководи со истото.Погрешниот начин на поставеноста на работите. Си ја сака народот Македонија , но ги вознемируваат  разболените институции, погазеното право, лошото образование, лошите услови во јавното здравство.Не им се допаѓаат условите за живот, не им се допаѓаат мизерните плати, врските при вработување, чекањето на шалтерите по сат време, и после тој сат време ќе те вратат за да земеш уште два три документи кои ти недостасуваат.Не им се допаѓа баналниот факт зошто изводот за родени треба да го вадите на секои шест месеци и за истиот ако немате ,,свој човек,, на шалтерот мора да чекате два - три дена. Замислете за обичен извод ( А4 формат лист)….

    Време е, потребно е  Македонија да се реформира внатрешно, да се подисправи и да се излечи.Процесот ќе биде можеби и подолг и тежок но мора да се почне, мора да започнеме со лекување на нашето општество и да си погледнеме сите во очи каде погрешивме, и зошто можеби за грст сребреници ја допуштивме катаклизмата во која сега живееме.

    Времето  е момент, а мислам дека е дојден моментот да ја подобриме состојбата во државата, да поставиме луѓе кои ќе овозможат поттикнување и практикување на поинакви меѓучовечки и меѓукултурни односи во Македонија. Промената која треба да ја направиме е потребна за сите нас за да го сочуваме народот и да си ја сочуваме државата.Можеби понекогаш е тешко да размислуваме универзално бидејќи дел  од нас гледаме само во својот двор, но јас знам дека во оваа држава има многу луѓе кои сакаат да сменат нешто на подобро . Ги гледам младите секојдневно, тие се полни  со елан,имаат прекрасни идеи полни со жар за животот, тие сакаат да живеат во Македонија, но не во ваква, сакаат држава каде ќе имаат иднина, каде апатијата  ќе биде заменета со просперитет и каде поддршката која ним им е потребна ќе дојде директно од државата и институциите задолжени за тоа.

    Сашо Тодоровски Сашо Тодоровски, портпарол на СДСМ Куманово.

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*