×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ЗА КУЛТУРАТА, ЗА ГОЛЕМИОТ БРАТ, ЗА ПОБЕДНИЦИТЕ И ГУБИТНИЦИТЕ

    Дејан Ѓорѓиевски

    На самиот крај на годината, во нашиот град се случија неколку настани од областа на културата, за кои вреди да кажеме по нешто. Како прв би го издвоил присуството на министерката за култура на трибината организирана од ВМРО-ДПМНЕ – „ На Македонија ѝ треба твојата идеја” каде што директно ѝ беше презентирана потребата од создавање на регионален конзерваторски центар кој ќе се грижи за заштитата на спомениците на културата. Како мало појаснување, системот на заштита на спомениците во Македонија е застарен и се потешко функционира како таков. Најголемиот број од општините (многу помали и со помал број на споменици од Куманово) имаат Заводи за заштита како дел од музеите кои се грижат за недвижното куклтурно наследство (тука спаѓаат црквите, старите куќи, археолошките остатоци, спомениците од НОБ и сл.). За жал, иако заслужува и ги има сите предуслови, Куманово никогаш не успеа да формира таква институција, па заштитата зависи директно од Националниот конзерваторски центар, кој е одговорен за цела Македонија. Најчесто, многу тешко нашите споменици доаѓаат како приоритетни на нивната листа, и затоа голем број од археолошките локалитети се законски незаштитени (не се валоризирани), истражените не се конзервирани и не можат да бидат посетени, а состојбата со старите цркви е таква каква што е – безмалку во секој сакрален објект треба некаква интервенција. Се надеваме дека потребата од децентрализирана заштита е разбрана и дека Куманово, па и целиот североисточен регион, ќе го добие заслужениот третман.

    Вториот настан за кој вреди да се зборува е усвоената програма за култура за 2016 г. на општина Куманово. Таа ќе се развива со буџет од 14 милиони денари, а Фондацијата за култура и спорт доби скоро 3 милиони денари. Предложената програма на фондацијата е извонреден показател за тоа како критиките и укажувањата на спротиставените политички партии можат да бидат конструктивни и придонесуваат за заедничкото добро на градот. Имено, во мојата колумна „Куманово – град на (не)културата“, дадов неколку идеји за тоа како може да се направат интересни градски културни содржини со малку пари. Па така, моите укажувања за нискобуџетни театарски претстави и инвестирање во млади таленти се претвори во „театарска работилница, Денови на театар и алтернативни театри, како и возобновување на детскиот фестивал Детелинка“. Особено ме радува тоа што од предложената програма гледам дека го уважиле мислењето и на помладите кадри кои работат во општината. И во претходната колумна потенцирав, а и сега ќе речам, дека во општината има силен млад потенцијал, богат со идеји и желба за докажување, кој треба да ги добие своите пет минути. Тоа е оној профил на млади луѓе, кои зеле партиска книшка само за да се вработат, но не се заинтересирани за политичка кариера. Се трудат и успеваат да издејствуваат проекти (често и од странски фондови), но секогаш се во втор план во споредба во докажаните партиски „тркачи“. Е сега, се надевам дека и овој буџет нема да ја доживее судбината како и на неговите претходници, односно нема да има брз ребаланс кој ќе утврди дека поради партијата на власт, општината не може да го финансира предвиденото. Тоа стравување е дотолку поголемо, затоа што 2016 е изборна година, па средствата може многу лесно да се пренасочат во купување на гласови, како што е и практика во Куманово.

    За крај, после долго време, се појави колумна која на некој начин ја третира проблематиката на културата за Куманово. Се работи за колумната „Дарко победи-ние изгубивме“, која ги анализира и дијагностицира проблемите на културата (односно на некултурата), главно преку влијанието на медиумите. Не би сакал да звучам како мојот претходник – колумнист, кој во безидејност се зафати со „колумнистички тероризам“ и анализирајќи ги ставовите (но и правописот) на двајца мои сопартијци дојде до генијален  заклучок дека ставовите на двете различни персони не биле идентични (можеби многу поинтересно ќе беше да ги анализира изјавите на неговиот лидер Заев, таму имате една личност која по недела-две си ги побива сопствените претходно изнесените ставови, што секако заслужува поширока психолошка анализа). Сепак, бидејќи колумните за културата се ретки, си давам за право да го изнесам своето мислење. Како прво, целосно се сложувам со дел од изнесените дијагнози за културната летаргичност, особено кај младите, како и уделот кој што медиумите го имаат во тоа. Но иако се сложувам со дијагнозата, причината за болеста никако не можам да ја согледам во, според авторот, „ДПМНЕ-најпредавничката партија на македонскиот културолошки идентитет“. Како прво – имаме само еден јавен, државен сервис  - МТВ, за кој гарантирам дека не емитува програми од типот на „Големиот брат“, друго, краток преглед и на останатите македонски телевизии ќе каже дека наведените реални емисии  (освен претходната) ги нема – тие се присутни на кабелските провајдери и најчесто се емитувани на српските програми. Сега, знам дека премногу барам од читателите, ама ајде да ги стиснеме забите и тупаниците, и со сите сили да се обидеме да замислиме дека во април опозициските партии ќе ја добијат власта. Ме интересира, каков закон авторот очекува да смислат (веројатно инспирирани од севернокорејското уставно уредување), за да може партијата на власт без проблем да им кажува на приватните телевизии и кабелските оператори какви емисии да емитуваат! Друго, колку за илустрација за комплексноста на проблемот со вкусовите, нека проба некој да ги укине турските серии и сличниот телевизиски шунд, па да го види револтот на бабите, домаќинките, но и добар дел од младата популација. Едноставно, треба да се разбере дека телевизиите од чисто профитерски цели се прилагодуваат на вкусот на гледачите, а културниот развој многу повеќе се постигнува преку други средства. И сигурен сум дека, доколку се емитуваат сериите кои тој ги предлага во колумната (кои и јас ги сакам) ќе следат реакции поради нивната експлицитност, пропагирањето насилство, еротика и сл. Од друга страна, во контекст на тврдењето за „предавништво“ и „губење на националниот идентитет“, ајде да бидеме искрени и да признаеме, дали некогаш македонскиот гледач бил толку „бомбардиран“ со емисии и серии за неговото минато, страдањата и неговото богатство? Верувам дека и доколку сега проверите, ќе најдете барем една таква емисија која се емитува на еден од каналите. Не би сакал да бидам портпарол на МТВ, но ајде да ја споредиме програмата до 2006, а потоа да провериме на нивниот сегашен сајт, во делот за емисии и серии. Ќе видите дека има голем број на едукативни и забавни програми, возобновени „Македонски народни приказни“ и сл., како од домашна, така и од странска продукција. Зборувајќи за „Скопје 2014“, можам да кажам само неколку работи. Факт е дека можат да се водат полемики за стилот во кој се изведени градбите, но пак се ќе се сведе на вкусовите, а тоа асоцира на критиките кои ги доживеале Ајфеловата кула, Пирамидата во Лувр, или новиот музеј на атинскиот Акропол во времето кога биле направени. Додека некои ги оправдувале, другите ги сметале за несоодветни. Од гледна точка на историската оправданост, веќе некое време ги следам критиките дека градбите пропагираат класицистички период (преку столбовите, капителите и останатата т.н. антиквизација) кој што кај нас никогаш го немало, „билдајќи“ го националното чувство со доза на лажен патриотизам! Како прост одговор, предлагам да ги посетиме археолошките локалитети и музеите, па да видиме дали кај нас никогаш не постоеле градби од таков стил, или да ги погледнеме пронајдоците од последните неколку години, па да видиме дека повеќе од половината на денешната територија на Македонија била вклучена во античкото македонско кралство. Зарем треба да се срамиме од такво нешто, или да се плашиме да го покажеме тоа? Веќе никој не може да ги затвори очите пред фактот дека многу институции, вклучувајќи ги Археолошкиот Музеј, Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет и многу други, добија соодветни градби, за кои во минатото сите велевме дека се повеќе од потребни. За на крај, и јас мислев дека поради „Скопје 2014“ ВМРО-ДПМНЕ ќе биде казнет на избори, и дека таа инвестиција ќе влијае лошо кај гласачкото тело од останатиот дел на Македонија. Но, се случија изборите 2014, и народот си го кажа своето. Убедлива победа на ВМРО, која ги засени сите критики во поглед на тој проект. А и зошто не би било така – платите останаа редовни, субвенциите исто така, имаше нови проекти и нови капитални инвестиции. Економскиот контраефект од проектот воопшто не беше таков каков што се очекуваше. Се покажа дека државата има и за леб, и за чоколада! Клучот во победите на ВМРО е токму тој – правиме издржана програма која ја реализираме ако народот го даде својот глас и ја одобри. Оној момент, кога опозицијата ќе го разбере тоа, ќе се прилагоди на потребите на народот и ќе направи екипа која ќе има капацитет да ги оствари ветувањата, ќе имаме вистински противник. Додека да се случи тоа, ќе ги трошиме силите во борба против продолжените раце на странските интереси и домашните криминалци кои се подготвени да жртвуваат се што е македонско, за да дојдат на власт.

    Дејан Ѓорѓиевски Дејан Ѓорѓиевски, Претседател на Комисија за култура на ОК на ВМРО-ДПМНЕ - Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*