×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    КОГА ЗАЈАЧИЊАТА ЌЕ СТИВНАТ

    Дејан Ѓорѓиевски

    Пред повеќе од 15 години, кога Аргентина беше во голема политичка и економска криза, во земјата се одржа изложба со надреалистички дела. За оние кои не знаат, надреализмот е правец во уметноста кој се темели на продуцирање на дела преку комбинирање на фанстастични, ирационални и неприродни взаемни односи на прикажаните елементи. Иако стануваше збор за квалитетна изложба, огромно внимание предизвика рекламата со наслов „Претседатели“ која ја најави изложбата. Преку кратки инсерти од нелогични,  реални ситуации од политичката сцена, туѓи на здравиот разум на обичниот жител на Аргентина, преку кои се прикажа апсурдноста на моменталната политичка состојба, рекламата завршуваше со поканата: „За да погледате уште надреализам, повелете во Националниот музеј“ .

    Навраќајќи се на рекламата, не можам а да не ја поврзам со она што се случува кај нас сега, особено со постапките на лидерот на опозицијата. Мислам дека личноста на човекот кој моментално е на чело на СДСМ, со своите постапки и изјави, претставува неисцрпен извор за студирање на комплексноста на поделеноста на човековото битие, и го заслужува секое право да се вброи во редот на продуктите од надреалните перформанси на природата. Доволно е сами, од дома, преку интернет, да ги побарате неговите изјави и ставови во последните две години, и да ја согледате сериозноста на проблемот. Прво што ќе помислите  е дека станува збор за изјави од две личности со исто име и презиме кои веб-пребарувчите ги регистрираат, а потоа, кога ќе видите дека сепак се работи за ист човек, објаснување ќе побарате во разни „теории на заговор“ и монтажи, изјави извадени од контекст и сл., од страна на тн. „провладини медиуми“. За среќа, повторно благодарение на интернетот, денес може непречено да се прегледаат оргиналните изјави, и тогаш, откако ќе го отфрлите и второто објаснување, за протолкување на контрадикторните ставови и постапки на лидерот на опозицијата помош ќе побарате во книгите напишани од најдобрите познавачи на човековата психологија. Таму ќе наидете на еден термин - „дисоцијативно пореметување на личноста“, па ако продолжите со читањето, верувам дека ќе добиете некои одговори по претходното прашање.

     Она што е чудно (порај многу други работи) е и тенденцијата за добивање на власта и подобрување на рејтингот токму преку пласирање на овие контрадикторности. Проблемот е што опозицијата ја потцени моќта на информацијата, па надевајќи се на „краткото сеќавање“ кај народот, не внимаваат дека некој може и да ги спореди нивните изјави и ветувања од порано. На тој начин, оној кој што ќе ги спореди, самиот ќе си направи едно „надреалистичко уживање“. Ќе започне со тврдењето на првиот човек на СДСМ дека тн.  „бомби“ се набавени од странски служби, за да го погледнеме подоцна со ноншалантната насмевка дека се од домашни „патриоти“; дека Груевски и Мијалков ги нарачале прислушувањата, а сепак нив ги има скоро на секоја снимка; дека немал контакт со Верушевски и дека не нарачал автомобил и компјутер за синот, за да подоцна го признае тоа; дека два месеци по објавување на бомбите тој ќе дојде на власт ( а гледаме дека е далеку од сето тоа); дека Пржинскиот договор ќе гарантира демократски избори на 24 април, за подоцна да моли изборите да се оддолжат; дека поднел пријава во обвинителството поради местење на поткуп, за да подоцна негира и рече дека само ја архивирал; за 600 000 прислушувани разговори кои се намножија во повеќе од 1 000000; за „владините местенки“ во случајот Диво Насеље кое подоцна ќе го квалификуа како терористички чин како оној од Париз и....примерите се навистина многубројни.

    Како психолошки проблем секако можеме да му ја вброиме и некрофилијата, која се чини дека е проширена во целата партија. Чекајќи со сето срце да се случи нечија смрт од типот на убиството на Нешковски или случајот Диво Насеље, се организираат протести, се снимаат филмови, се ронат солзи, без притоа да се гледа дали виновникот е власта или некој друг, и што е најважно, дали е  сакционирано делото. Се сеќавате на транспарентот против Јанкуловска: „Се нервирам...ни убиство не можеш да прикриеш“? Нелегално емитуваната изјава всушност беше „Се изнервирав (што одбива да признае уапсениот)...што си мисли тој (т.е. уапсениот убиец)?... не може убиство да се сокрие!“. Ваквите бесрамни кокетирања со човечките емоции ги забележавме уште во изјавите за „бомбите“ за случајот „Монструм“ – уапсените се невини, се работи за „местенка“ и дека се ќе се смени по објавениот материјал – еве се уште ништо нема по тоа прашање. Но, опозицискиот лидер успеа да ги разниша меѓунационалните односи, па, во екот на албанските протести, да најави уште една спектакуларна „бомба“ која требаше да го открие „вистинското лице на Груевски и омразата кон Албанците“, емитувајќи при тоа приватен разговор помеѓу министерка и нејзиниот сопруг, во кој таа се жали дека не можела да се договара со Албанците!

    Во добиениот замав од секакви ветувања, за среќа ги имаме и изјавите на неговите сопартијци, па ветената минимална плата од 450 евра тие ја намалија на 10 000 денари, и го негираа укинувањето на екстерното тестирање. Совршената Македонија која опозицијата ја ветува, департизирана, со слобода на говор, во која ќе се цени стручноста и во која младите ќе се вратат, се руши пред неговата изјава дека кога ќе дојдат на власт „се ќе избркаме од работа – од чистач, до министер... си ги вработивме најблиските, сега се на ред братучедите...живи луѓе ќе јадеме!“. Провидните ветувања ги забележавме и во текот на преговорите за избори – гледајќи го лошиот рејтинг, се фокусираа на нивно одложување, пред се поради тн. Фантомски гласачи. „Се додека не се прочисти избирачкиот список, легитимни избори нема да има!“ децидно изјавуваше лидерот на опозицијата...И тогаш, се јавува нивниот портпарол, со „компромисна понуда“ во стилот – еве, согласни сме дека не мора да се чисти списокот, дајте ни Закон за медиуми каков што бараме!!! Станува збор за оној закон, кој го одбија и двете здруженија на новинари квалификувајќи го како тоталитарен! Излезе дека СДСМ е поголем католик и од самиот папа!

     Меѓутоа, на нас во Куманово и не ни требаат ветувања и анализи за тоа каква ќе биде Македонија ако СДСМ е на власт. Ние си го имаме градот, и општината како институција, а зад нив стои владеењето на СДСМ. Тука најдобро го гледаме „департизираниот систем“, „непартиските“ вработувања, „отсуството на непотизам при вработување“, „неприсилното излегување на протест (особено кај просветните работници)“, „подршка за слободното мислење (примерот со Виктор Цветковски)“, „економски силна општина (отворете ги прозорци и погледнете си го градот)“, „предност на стручниот кадар наспроти партискиот (секоја чест на поединци за кои имам високо мислење, како пријатели и како кадар, но има еден куп примери на неодговорно директорско работење...), „задржување на младите во татковината (општината ниту со еден проект не се ни обиде да направи такво нешто, а особено можеше да се искористи приливот на пари од печалбарите од Ирак и Авганистан), „легитимни и фер избори (сите знаеме барем по еден пример на отпишување на долгови или подмитување во изборниот циклус)“...Ако сакате чиста улица, почнете со метење на сопствениот двор! Верувам дека доколку и мал дел од она што ветуваше опозицискиот лидер за Македонија беше имплементирано во Куманово (а имавте многу години за такво нешто), и дел од членството на ВМРО ќе ја даде подршката на СДСМ, да не зборуваме за неопределените гласачи.

    А и веќе не мора да ги читате колумните од ВМРО, за да ја забележите катастрофата во која градот запаѓа, сега можете за тоа и да го слушате претседателот на општинскиот совет! Стана поголем критичар на Општината и од самите опозициски советници. И не треба никој да го обвинува човекот поради тоа, тој е само реален и ги набројува сите недосатоци кои градските служби ги имаат. Впрочем, сите сме сведоци на тоа. Само, едно се уште не ми е јасно – зошто критиките отсуствуваа додека се таложеа проблемите, и дали истите критики ќе престанат ако тој добие добитна позиција на листата за пратеници или можеби градоначалничка кандидатура? Како и да е, многу одговори ќе добиеме во брзо време. Она што е интересно е молкот од градските партиски челници. Јас и не знам кој е претстедател на општинското СДСМ. Мислев дека тоа е претседателот на советот, ама не бил. Баш ме интересира во чии раце е градската партиска моќ – затоа што градскиот неуспех (веќе не станува збор за стагнирање на градот, туку за пропаѓање) му го препишувам нему. Дали е кај градоначалникот, претседателот на партијата или на советот? Кој и да е, вешто се крие и ја врти главата од ветувањата на опозицискиот лидер за Подобра Македонија.

    Дејан Ѓорѓиевски, Дејан Ѓорѓиевски, Претседател на Комисија за култура на ОК на ВМРО-ДПМНЕ - Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*