Бесплатни вреќи обезбеди „Чистота“ за ѓубрето од градските гробишта
ЈП „Чистота и зеленило“ обезбеди бесплатни вреќи за смет, кои граѓаните ќе можат да се подигнат во петок и сабота во просторијата на Градските гробишта во Куманово.

„Намерата е граѓаните да си го соберат сметот во вреќи кои ќе ги врзат, со што нема да се расипува и разлетува ѓубрето по гробиштата. Повторно апелираме, и покрај обичаите да не се остава храна на гробовите, а сметот да се одлага на соодветен начин. Јавната чистота е заедничка одговорност, сметот не е дел од традицијата“, истакнаа надлежните од „Чистота и зеленило“.
Деновиве на граѓаните и вработените ги чистат гробиштата пред христијанскиот празник Задушница, го собираат сметот и ги косат јавните површини. Контејнерите и кантите за смет се испразнети, патролира трактор со приколка каде се собира целиот комунален отпад.
Во пресрет на т.н. задушници секогаш се создава огромна количина на смет, најчесто трева, грмушки, цвеќиња кои се расчистуваат од гробните места. Тогаш се и најгласни реакциите на граѓаните за тоа дали се одржуваат гробиштата, а надлежните од претпријатието засилено работат и апелираат до јавноста за подигање на јавната свест.
Дел од граѓаните го поздравуваат работењето на вработените во ЈП „Чистота и зеленило“, но сметаат дека тоа треба да е стандард, а не наменска акција.
„Исчистено е и искосено, контејнерите се празни и се празнат, ама вака треба да биде во текот на целата година, не само пред празници. На посебната парцела, отспротива се поставени поголем број на контејнери, а неодамна и асфалтираа, но треба да се засадат и дрвца, за целосно да се дотера просторот“, коментира наша сограѓанка која ја сретнавме.
Утре е Духовденската задушница за православните христијани, ден кога голем број од граѓаните ги посетуваат гробиштата и одаваат почест на починатите од семејството. Старите обичаи налагаат да се понесе и некој вид на храна, која ќе се „раздаде“ за душа на покојните. Од црквата апелираат на гробиштата да се носи само цвеќе и свеќи.