Куманово денес е посредено, поизградено и поорганизирано од пред четири години, кажа во отчетот Димитриевски
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска даде отчет за сработеното во изминатите четири години и ги најави проектите што ќе се реализираат во наредниот период.

Пред присутните гости, главно функционери на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ на локално и национално ниво, како и претставници на локалната самоуправа и медиумите, најпрво беше прикажана видео-презентација, а потоа следеше обраќањето на Димитриевски.
Меѓу најзначајните реализирани проекти тој ги издвои: бесплатниот јавен превоз, реконструкциите на спортската сала и Соколана, уредувањето на Соколанскиот и Градскиот парк, малиот плоштад, индустриската зона каде што се гради дистрибутивниот центар на „Лидл“, како и набавката на опрема и механизација за јавните претпријатија. Дополнително, истакна дека е инвестирано во училиштата, спортските игралишта и детските катчиња.
„Срамно е во 21 век да имаме места без основна инфраструктура. Куманово има потреба од 300 километри инфраструктурна мрежа, која мора целосно да се изгради. Затоа фокусот во изминатите години го ставивме на инфраструктурата, и направивме вистинска ‘инфраструктурна ренесанса’. Изградивме над 13.500 метри атмосферска и фекална канализација, повеќе од 4.800 метри нова водоводна мрежа, 175.000 м² нови асфалтни површини, 78.000 м² бекатонирани улички и пристапни патеки, 2.700 метри гасоводна мрежа и два нови кружни тека кај Серава и Митев мост, а во подготовка е и третиот на раскрсницата на улиците Доне Божинов и Октомвриска револуција“, кажа Димитриевски.
Тој додаде дека негов сон е Куманово да биде чист град, но тоа е проблем кој може да се реши само со заеднички ангажман со граѓаните. Според него, во изминатиот мандат засадени се 10.000 садници, а исчистени 50 депонии и речни корита. Општината инвестирала и во културата и спортот, отворена е народна кујна, доделени се субвенции за младите брачни двојки и ранливите категории граѓани.
Куманово, на вториот владин повик за средства од унгарскиот кредит, учествувало со 27 проекти вредни 13 милиони евра, од кои најголемиот дел се во тек на реализација или ќе се завршат во наредната година.
„Овие четири години беа период на голема работа и бројни проекти. Свесен сум дека има уште многу што треба да се направи за Куманово да стане модерен европски град. Но едно е сигурно – денеска Куманово е посредено, поизградено и поорганизирано од пред четири години. Денеска Куманово е посплотено како заедница“, порача Димитриевски, заблагодарувајќи им се на граѓаните за трпението и на Владата и коалициските партнери за поддршката.