Ивана Николиќ нова директорка на детската градинка „Ангел Шајче“
Ивана Николиќ од денеска е нова директорка на детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.

Николиќ e дипломиран професор по предучилишно образование, со 20- годишно работно искуство во градинката, а на новата функција доаѓа од местото раководител на клонот „Пчелка“ во населбата „Гоце Делчев“.
„Пред сѐ сакам да се заблагодарам на укажаната доверба да раководам со установата во наредните 4 години. Како некој кој ги поминал сите скалила во своето работење во оваа установа, почнувајќи од 2006 година па се до денес, сметам дека покрај неопходното искуство имам и реално познавање на сите предности и недостатоци во нејзиното функционирање. За мене ќе биде задоволство, но и голема одговорност да ја предводам оваа установа кон уште поголеми успеси, и заедно со сите вработени - како тим да ја издигнеме на пиедесталот кој го заслужува. Раководењето со установа како што е „Ангел Шајче“ претставува и сериозен предизвик со оглед на сензитивноста на самата дејност, големиот број на згрижени дечиња, но и големиот број на вработени. Познавајќи го професионалните капацитети на вработените, ентузијазмот со кој работат и нивната желба за квалитетна грижа и нега на нашите најмали сограѓани, немам сомнеж дека сите заедно ќе се гордееме со успешното работење на „Ангел Шајче“, изјави Николиќ за Кумановоњуз.
Ивана Николиќ доаѓа на местото на в.д. директорката Наташа Ќосовиќ - Томовска. Избрана е на конкурс со 4-годишен мандат.
Градинката „Ангел Шајче“ има 8 клона и два центри за ран детски развој.