Извршители влегоа во „Чистота“ поради долг од 200.000 евра кон вработените
ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово треба да исплати околу 12 милиони денари или 200.000 евра на 90 вработени, по правосилна пресуда и извршно решение од Основен суд Куманово, поради долг за регрес за годишен одмор и новогодишен додаток за период од три години.

Секој вработен во просек побарувал по околу 101.000 денари, но со камата и трошоците на судот, адвокати и извршители, долгот се зголемил на 220.000 денари по човек. Во ЈП „Чистота и зеленило“ има 330 вработени, од кои 50 се администрација.
Од минатата недела во претпријатието е започната постапка за прислина наплата и направен е попис на поголем дел од канцеларискиот инвентар, компјутери, печатачи, бироа, плакари и уметнички слики, кои ќе бидат одземени доколку не се подмири долгот. Попишано е и бирото и работната маса на директорот. Изземени од извршувањето се само основните средства за работа како што се камиони, автомобили, механизација и алати, кои се неопходни за вршење на основната дејност на јавното претпријатие.
Директорот Ненад Стојановски, вели дека тие не бегаат од обврската да ги исплатат заостанатите надоместоци на вработените, но во овој момент немаат пари затоа што работат со блокирана сметка и времена рамка со ограничени можности за плаќање, а извршната постапка дополнително ја искомплицирала работата и им создала нови проблеми, кои можат да се одразат на квалитетот на изнесувањето на сметот, одржувањето на јавните зелени површини и погребалните услуги во градот.
„Ние и сега сме блокирани, бидејќи и компјутерите и ИТ опремата се основни средства за нашата работа, а не само возилата. Ние имаме забрана да ги користиме овие средства. Без компјутери блокирана ни е работата на наплатниот центар и не можеме да вршиме наплата од граѓаните, не можеме да спроведуваме јавни набавки и да набавуваме резервни делови за камионите. Затоа оваа работа мора што побрзо да се заврши, да се вклучат сите надлежни институции за да продолжиме нормално да функционираме“, изјави Стојановски, кој додаде дека долговите ги наследил кога дошол на функцијата, дел вратил, но се создале нови поради зголемување на минималната плата.
Вработените го тужеле претпријатието во 2021 година за неисплатен К-15, новогодишен додаток, а има и неколку побарувања за јубилејни награди, сите за 2018, 2019 и 2020 година, а по сите пресуди и жалби судскиот процес целосно завршил на крајот на 2024 година. Адвокатот Стефан Стојмановски, кој застапува 40 вработени вели дека се обидел со раководството да најде решение за побарувањата на неговите клиенти, но откако не се договориле одлучиле да започнат со присилно извршување.
„Се закануваше извршната постапка да застари и затоа моравме да ја отпочнеме. Оваа постапка е поведена во 2021 година, а пресудите станаа правосилни во 2022 година. Надлежниот суд во решението наведе дека попишаните средства не се неопходни, и може работата да се врши и на друг начин. Попишани се движни ствари, и по нивна проценка ќе бидат отуѓени. Во интерес на претпријатието е што побрзо да се најдат средствата и постапката да запре, бидејќи долгот постојано се зголемува“, вели адвокатот Стојмановски, кој додава дека и порано имало слични тужби ама проблемот бил решаван договорно.
Директорот Стојановски вели излезот од ваквата состојба ја гледа единствено во финансиска помош од Општина Куманово додека се надмине кризата, или во системско решение за сите јавни претпријатија во државата со отпишување на каматите и репрограмирање на старите долгови за да можат да ги вратат во живот.
ЈП „Чистота и Зеленило“ минатата година ја заврши со загуба од околу 7,2 милиони денари, а има долг кон УЈП во висина од 400.000 евра, кој е направен во периодот од 2004 до 2007 година кога ДДВ-то било 18%. Од предходната Влада бапаше отпишување на овој долг, како што тоа беше направено за претпријатијата во други градови.
Градоначалникот Максим Димитриевски најави дека веќе се разговара за проблемите во јавните претпријатија на национално ниво и се бара решение, кое нема да биде селективно.