Јасмина Спасовска уште еден мандат ќе раководи со ОУ „Браќа Миладиновци“
Јасмина Спасовска, дипломиран професор по одделенска настава, уште еден мандат ќе биде директорка на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово.

Новиот мандат започнува да тече од 12 јуни, откако е поминат законски предвидениот рок за евентуални жалби, а на функцијата останува во наредните 4 години.
„Многу од она што планирав успеав да го остварам, а приоритет во наредниот период ќе ми биде обезбедување на средства за санација на тоалетите и подовите во училиштата. Ќе аплицираме на повици и проекти, ќе се обратиме до министерството или општинските служби, верувам дека ќе најдеме начин да го завршиме и тој проект. Од претходно најмногу сум горда што училишната зграда е целосно подготвена и опремена за инклузивна настава“, истакна директорката Спасовска.
Во училиштето е инсталиран лифт во централната зграда, поставени се тактилни плочи за слабовидни лица, дел од тоалетите се инклузивни и за лица со телесен инвалидитет, на сите влезови постојат пристапни рампи.
Според директорката во првиот мандат целосно е реконструирана и реновирана зградата на улицата Тане Георгиевски, поставена е енергетски ефикасна фасада на нивниот објект во Соколана, реконструирана е училишната зграда на подрачното училиште во Пчиња, а со средства од владата во 2023 година е заменета кровната конструкција и поставен нов кров, истовремено реконструирана е електричната, изолационата и водоводната инсталација на најгорниот кат на централното училиште.
Деновиве треба да започне поставување на енергетско ефикасна фасада на централната зграда, проект кој ќе се работи со средства на Кралството Шведска и УНДП, кофинансирана од Општина Куманово.