Крива Паланка и Кратово – нова културна област на европската туристичка мапа
Крива Паланка и Кратово претставуваат две комплементарни културно-историски целини во Североисточниот дел на Македонија, со исклучително значајно материјално и нематеријално културно наследство од преродбенскиот период.
Овие потенцијали со својата уникатна комбинација на локални традиции и европски влијанија, имаат огромни можности да се трансформираат во атрактивен културно-туристички производ.
Ова е еден од клучните заклучоци од спроведената Интердисциплинарна дијахронична анализа во рамки на проектот „Културна област – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“ од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија, кој го реализираат културни институции од Ќустендил, Дупница, Крива Паланка и Кратово.
Анализата покажува дека во текот на 19 век, под влијание на економскиот развој, рударството, занаетчиството и трговските врски со Балканот и Централна Европа, Крива Паланка и Кратово се развиваат како значајни урбани и духовни центри, со препознатлива архитектура и културен идентитет. Посебен фокус е ставен на истражувањето на европските влијанија врз балканските традиции во XIX век, што му дава уникатен печат на овој регион.
„Оваа анализа претставува прв систематизиран труд за клучните преродбенски градби, кој ги обединува истражувањата за профаната и сакрална архитектура, но и традиционалните занаети, обичаите и усмените приказни на Крива Паланка и Кратово. Материјалното и нематеријално културно наследство не е само минато, туку жива вредност што ни овозможува развој, соработка и нови можности за заедниците од двете страни на границата. Целта е да создадеме единствена „културна област“ и атрактивна интегрирана прекугранична рута која ќе ги привлекува туристите во текот на целата година, а не само сезонски“, вели Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, еден од партнерите во проектот.

Според истражувањето, Кратово се издвојува како еден од најстарите рударски и занаетчиски центри на Балканот, со изразена урбана физиономија, камени мостови, кули и градска архитектура што ги комбинира локалните традиции со европски архитектонски влијанија. Неговото културно наследство сведочи за континуиран урбан развој и силна економска основа, што го позиционира како историски град со висок потенцијал за културен и тематски туризам.
Крива Паланка, од друга страна, го отсликува духовниот и културниот подем на Осоговието, со доминантна улога на сакралната архитектура и староградските куќи од преродбенскиот период.
Манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“, црквите, како и бројните староградски куќи, сведочат за процесите на национално будење, просветителство и културна еманципација.
„Особено значајно е што анализата предвидува современа валоризација преку интерпретативни, интерактивни и дигитални форми на презентација, со цел културното наследство да добие нова едукативна и наративна функција во рамките на европскиот културен простор“, потенцира Величковски.
Во рамките на проектот спроведено е и мапирање и евидентирање на туристичките потенцијали, кои ќе ги обединат локалните угостители и туристички оператори под еден препознатлив бренд. Со овој пристап, Крива Паланка и Кратово се позиционираат како дестинации со јасна визија, подготвени да понудат автентично искуство базирано на професионален маркетинг пристап. Во претстојниот период се очекува и официјалното усвојување на заедничкиот културен календар и систематизацијата на целокупната културна понуда на традиции и настани во прекуграничниот регион.

Проектот „Културна област – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“ го преводи Регионалниот историски музеј од Ќустендил, а партнери се Историскиот музеј од Дупница, ЛУ Градски музеј од Крива Паланка и Здружението Пеонија од Кратово. Целта е преку дигитализација, иновации и заеднички културни активности да се зголеми видливоста и искористеноста на културното наследство за развој на одржливиот туризам.