Куманово утринава со најзагаден воздух во државата, граѓанин пријавил дека мириса на пластика
Граѓаните на Куманово утринава дишат најзагаден воздух во државата.

Според Мерната станица на Министертсвото за животна средина во 7.00 часот концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот изнесуваше 105 мг/м3. Тоа е повеќе од двојно над дозволената граница која изнесува 50 микрограми на еден метар кубен. Во 8 часот се измерени 81 мг/м3.
„Утринава во 05:40 часот имало поплака од граѓанин кај Автобуска станица на Куманово на загаден воздух кој мириса на пластика. Се бара од надлежните да излезат на на терен да ги најдат виновниците кои цело време палат пластика и го загадуваат воздухот во Куманово. Известени се Инспекторот за животна средина, СВР Куманово и Општина Куманово“, стои во соопштението на Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК).
Во населбата Средорек утринава повторно гореше отпад.
Жителите на урбаната заедница „Панче Пешев“ во Куманово, завчера излегоа на протест и побараа од локалната власт да го спречи загадувањето на воздухот, кое го предизвикуваат нивните соседи од другата страна реката од населбите Средорек, Бавчи и Стари Лозја и Перо Чичо. Тие се пожалија дека со години наназад се душат во чад и нивното здравје е загрозено затоа што надлежните не си ја вршат работата и не ги санкционираат несовесни граѓани, кои палат гуми, пластика и смет од дивите депонии кои се создадени во овие населби и по течението на реката Кумановка. Доколку за 15 дена не се преземе ништо ќе го блокираат булеварот Октомвриска Револуција.
Кумананово е на врвот на загадените градови во државата и лете и во зима, поради неконторлирано палење на смет, непланско градење, густ сообраќај и валканост, а во зима и поради греењето на дрва.