Куманово во јули ќе биде домаќин на Европската младинска олимпијада, натпреварите ќе се играат во реновираната спортска сала
На 21 јули во спортската сала во Куманово ќе се игра првиот кошаркарски натпревар помеѓу младинските репрезентации на Македонија и Словенија, како дел од Европските младински олимписки игри – (ЕМОФ) кои од 20 до 26 јули ќе се одржат во Скопје, Куманово и Осијек.

Куманово ќе биде домаќин на спортистите во машка и женска кошарка, велосипедизам и планински велосипедизам.
„Во градот веќе се акредитирани над 450 лица кои ќе бидат дел од натпреварите како учесници или стручен штаб. Олимпијадата ќе трае од 18 до 27 јули, а натпреварувањата ќе започнат на 20 јули. Првиот натпревар кај нас ќе го игра машката репрезентација на 21 јули во спортската сала, додека женската репрезентација во малата сала на училиштето „Перо Наков“. Натпреварувањата во кошарка ќе траат до 26 јули, во велосипедизам од 22 до 24 јули, додека за планиски велосиопедизам само еден ден на 23 јули. Ќе имаме богата спортска програма и верувам дека ќе ја оправдаме довербата за организација на една ваква голема манифестација. Се прават подготовки за анимирање на младите во градот и гостите со богата културна и музичка програма. Куманово досега немамо таков настан, и затоа треба сите да се вклучиме и да дадеме свој придонес за достојно претставување на градот“, вели Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура и спорт во Општина Куманово.
Оваа манифестација покрај спортски ќе има и туристички и економски бенифит за целиот град и држава.
Општина Куманово аплицирала со Македонскиот олимпискиот комитет во 2019 година како Град на спортот да биде дел од овој спортски настан, а поминале неколку степени на проверки дали ги исполнува условите за таков тип на натпревари.
ЕМОФ ќе биде најголем мултиспортски настан во истоијата на државата, а тоа е престижна манифестација на младинскиот спорт. Во Македонија ќе се одржи 16-то издание, а се очекува да учествуваат повеќе од 4.000 спортисти од 48 европски земји кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови.
Целта на оваа манифестација е младите спортисти да го почуствуваат олимпискиот дух, а замислена е како платформа на која ќе можат да го демострираат својот талент. На овој начин се подготвуваат за успех на големите светски сцени, но и се промовира здравиот начин на живот и олимписките вредности.