Љатифи: Нема лекарска грешка во случајот со родилката
Нема лекарска грешка при породувањето и преземени се сите мерки за да се спаси родилката од Крива Паланка,- тврдат лекарите од Кумановската болница.

На денешната прес конфернција, директорот и лекарскиот тим, објаснуваа дека породувањето поминало нормално, но проблемите настанале кога жената требало да се освести.
„При будење настанале потешкотии, особено при обид пациентката самостојно да дише. Дадена е медикаментна терапија, но не дошло до самостојно дишење. Откако биле исцрпени сите можности, тимот на лекари одлучил родилката да се транспортира во Скопје. Со амбулантно возило однесена е на Одделот за интензивно лекување на КАРИЛ направена е кардиопулмонална ресустација, која траела повеќе од 20 минути. Но, и покрај преземените активности, пациентката почина во 15.40 часот“ – рече директорот Ариф Латифи.
Породувањето со царски рез се случило вчера во 11.55 часот, кога жената родила машко бебе тешко 3.550 грама и долго 55 сантиметри. Лекарите велат дека ништо не укажувало дека исходот ќе биде со фатални последици.
“ Првично ништо не укажуваше дека постојат опасности за било каков лош исход. Сите можни процедури што ни беа на располагање и што бевме во можност ги презедовме и затоа се чекаше 1,5 до 2 часа нашите обиди да вродат со плод, од друга страна многу е тешко оперирани пациенти да се транспортираат и во КАРИЛ да им најдат место за механичка вентилација.Затоа се обидуваме тука на секаков можен начин со сите медикаментозни работи во условите што ги имаме да ја завршиме работата“, - вели анестезиологот Билјана Петрушевска.
Лекарите го чекаат обдукцискиот наод за да видат која е причината за смртта на родилката. Комисија за унапредување на здравствена заштита и комисија од Министерството за здравство ќе го испитува дали во случајот има лекарска грешка.