Обвинение против 36 лица за корупција со инвалидски пензии
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица, по истрагата „Синдром“ започната во април годинава.

Според доказите, обвинетите се организирале во две криминални групи кои во текот на 2023 година и до април 2024 година посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија, во замена за парични средства. Цената за овие услуги се движела од 150 до 5000 евра, зависно од видот и времетраењето на правото што се обезбедувало.
Организаторите на групите се и лекари, адвокат и службени лица од неколку јавни установи – користеле своја службена положба и реално влијание за незаконско издавање на медицински мислења и одлуки во корист на барателите на права. На овој начин, биле заобиколени одредбите од Законот за социјална заштита.
Десетмина од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, давање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Петмина се обвинети за злосторничко здружување и примање поткуп, додека останатите 19 лица се обвинети за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание.
"Во досегашниот тек на постапката, 13 обвинети склучија спогодби со обвинителството и врз основа на истите Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуди при што првообвинетата е осудена на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци за кривично дело – Злосторничко здружување, кривично дело – Давање поткуп и кривично дело – Примање поткуп, воедно ѝ се одземаат и противправно стекнати 15000 евра, а на останатите кои се спогодија им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од 1 до 2 години, која казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите во рок од три односно пет години не сторат ново кривично дело, од нив на едно лице му се одзема имотната корист која настанала како резултат на извршување на кривичното дело – надоместок за помош и нега од друго лице во вкупен износ од 36.520,00 денари, а на едно лице противправно стекнатата имотна корист од 2.360 евра и 81.000 денари", соопштија од обвинителството.
Со обвинителниот акт јавниот обвинител му предложи на судот на обвинетите да им бидат продолжени веќе изречените мерки на обезбедување – мерка притвор за пет лица и мерка куќен притвор за пет лица, а за останатите обвинети мерки на претпазливост.