Мени

Граѓаните ќе можат да учествуваат на буџетските форуми и да ги кажат приоритетите на нивните населби

22.10.2026 15:00 | Сузана Николиќ

Општина Куманово ќе организира буџетски форуми, на кои граѓаните лично ќе можат да кажат што сметаат дека е приоритет во нивната населба, со што ќе се вклучат во креирањето на буџетот во 2027 година. 

Граѓаните ќе можат да учествуваат на буџетските форуми и да ги кажат приоритетите на нивните населби

Првиот форум ќе одржи во среда на 28. октомври во 12:00 часот, вториот форум на 30. октомври во 12:00 часот и третиот на 03.11.2026 година во 12:00 часот, во Занаетчискиот дом во Куманово.

Граѓаните ќе имаат можност на првите два форума да учествуваат со свои предлози и идеи за креирање на буџет на Општина Куманово за 2027 година, а на третиот форум ќе се врши финална селекција и рангирање на предлозите.

„Ги повикуваме граѓаните да присуствуваат на форумите, да учествуваат со свои предлози, потреби и забелешки, во областа на економијата, инфраструктурата, образованието, социјалната заштита, животната средина, културата и спортот. Целта на форумите е активно вклучување и учество на граѓаните во креирање на буџетот на општината“, велат од Општина Куманово.

Форумите се организираат во рамките на проектот „Заедници со интегритет“ финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, а спроведуван од Националниот демократски институт (NDI).

Изминатите неколку години, граѓаните имаа можност да ги кажат своите предлози само во онлајн анкета, но немаше форуми со претставници на месните заедници и граѓаните. Проектите во буџетот ги предлагаше градоначалникот во договор со коалициските партнери, при што имаше забелешки дека нема рамномерен развој, затоа што се инвестира само одредени делови на општината. 

Од буџетот во 2026 година требаше да се изгради кружен тек на раскрсниците на улиците Октомвриска револуција и Доне Божинов, да се продолжи кракот на булеварот Октомвриска револуција, како и да се уредат три паркчиња или т.н. скверчиња, но досега не се реализирани.

Во изминатите 4 години, пак,  беа протрошени над 4 милиони евра општински пари за бесплатен автобуски превоз, па голем дел од граѓаните и опозицијата сметаат дека тоа беа попусто фрлени пари, бидејќи општината има нерешени голем број на инфраструктурни проблеми.