×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Откриен најстариот сочуван автохтон натпис на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

    19.06.2025 12:52 | KumanovoNews

    Најстариот автохтон натпис на сад од локално производство на териториите северно од македонското кралство и остатоци на постари ѕидови на резиденцијален објект од 4-3 век пр. н. е, се откриени во најновите археолошки истражувања на локалитетот Градиште, во селото Младо Нагоричане.

    Откриен најстариот сочуван автохтон натпис на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

    Кумановските археолози дошле до две големи откритија, кои покажуваат дека населението од овој дел на земјата користело писмо и резиденцијата слична со богатите македонски куќи во Античка Македонија е изградена на темели на постар објект.

    „Оваа година го откривме најстариот сочуван автохтон пишан натпис на териториите северно од Астибо – Брегалница. Станува збор за графит врежан на дно на сад од локално производство, кој припаѓа на групата натписи од т. н. ‘апоретски’ тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина. Ова е исклучително важен наод, затоа што зборува за користење на писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од македонското кралство“, вели археологот Дејан Ѓорѓиевски од Кумановскиот музеј, раководител на проектот кој заврши пред неколку дена.

    Ископувањата покажале и дека под постоечките ѕидови на објектот постојат остатоци од постари ѕидови врз кои се дигнати новите, што значи дека резиденцијалниот објект имал подолга традиција на користење.

    „Резултатите од истражувањата, преку артефактите од затворените контексти кои ги откривме, ги потврдуваат нашите сознанија дека резиденцијата покажува мошне блиски аналогии со богатите македонски куќи истражувани во Пела и останатите градови од Античка Македонија, како преку архитектурата, така и преку импортираната керамика. Градбата била уништена во немирните времиња на дарданско-македонските конфликти во 3 век. пр. н. е, истовремено со замирањето на пајонското кралство (до 230-та година пр. н. е.)“, додава Ѓорѓиевски.

    Оваа година, велат археолозите, целосно го истражиле перистилот – отворениот двор на градбата, а се работело и во правецот на протегањето на каналот за вода кој, за жал, не е сочуван до крај, па затоа постоењето на цистерна, односно резервоар за вода, останува прашање кое треба да се одговори следните години.

    Во наредниот период е предвидено да се дигитализараат дел од наодите од локалитетот, за да ги види поголем број на публика, а за следната година е планирано да се продолжи со откривањето на уште неколку градби кои се забележани преку ЛИДАР снимките, како и преку ГПР геофизички снимања.

    Истражувањата целосно се финансирани од Министерството за култура и туризам.