„Перо Наков“ и „Порака наша“ потпишаа меморандум за соработка
Средното училиште „Перо Наков“ потпиша меморандум за соработка со дневниот центар за лица со посебни потреби „Порака наша“.

Соработката ќе се реализира низ заеднички работилници и проекти, на задоволство на учениците и вработените во двете институции.
Потпишавме меморандум за соработка што значи дека ќе имаме повеќе активности во наредниот период.Ќе имаме работилници за престојните велигденски празници, и во преговори сме за уште неколку заеднички проекти.Навистине сме задоволи што дојде до оваа соработка“, - изјави Лидија Тасевска, директорката на СОУ „Перо Наков“.
Наставничката по техничките струки за преработка на кожа, Снежана Трајановиќ, смета дека штитениците од „Порака наша„ многу лесно ќе се вклучат во работилниците што ги организираат. Поранешните искуства покажале дека тие се заинтересирани за работата, според нивните можности, па дел од нив можат и професионално да се занимаваат со оваа работа на полесните технолошки операции.
Во индустријата за изработка на обувки, постар и помлад работник секогаш заедно седат додека не се совлада работата. Токму тие можат да помагаат во производството„, - вели Трајановиќ.
Гостите имаа можност да го разгледаат училиштето и кабинетите по практична настава, за да се запознаат со производствениот процес.
Ние оваа година започнавме со еден нов проект во „Порака наша“, тоа е една креативна кројачка работилница со професионален кројач. Веќе една година се обидуваме да ги развиеме нивните работноспособни вештини. Се издвои една група која со задоволство работи на машините и креира нови производи. Се надеваме дека учениците ќе ги прифатат и заеднички ќе соработуваме“, - вели Мартина Костовски, психолог.
Првата соработка ќе се реализира до крајот на месецот, за престојните велигденски празници. Ќе се изработуваат украси и производи, кои потоа ќе бидат претставени на продажна изложба, а сретствата ќе бидат искористени за потребите на центарот „Порака наша“.