По вторпат ќе се одржи саемот „Везенка” во Пчиња
Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ во недела (5 октомври) по вторпат ќе го организира Саемот на автохтони сорти „Везенка”, кој ќе се одржи пред инфо-центарот во селото Пчиња.

На саемот ќе се претстават над 20 локални производители од Куманово и од другите делови на земјата.
„И оваа година на Саемот на автохтони сорти ‘Везенка’ ќе има понуда на свеж зеленчук и овошје, како и готови производи од нашите стари сорти, со вкусови кои нè враќаат во детството. Целта на оваа манифестација е да ги заштитиме и промовираме старите локални семиња и сорти, кои полека ја губат битката под напливот на новите хибридни видови. Новина годинава е што сите посетители ќе можат да нарачаат расад од автохтоните сорти пиперки, патлиџани и јагоди, кој ќе го подигнат напролет да го одгледуваат во своите бавчи“, изјави Стојан Стојковски, претседател на здружението „Еко Пчиња“.
Посетителите и оваа година ќе можат да купат везенка, зимница, слатко од грозје, мед и пчелни производи, сушено овошје, сирупи од шумски плодови, сокови, природна козметика, месни производи, како и разни видови ракија – виљамовка, мастика, ликери од дуња, крушка, пелинковец – сè од домашни производители.
Домашната зимница е подготвена од членките на тимот „Везенка“ и здружението „Ајде да шириме љубов“ (“Let’s Spread Love”) во селото Пчиња, а продажбата ќе има хуманитарен карактер – средствата ќе бидат искористени за потребите на ранливите семејства.
„Ги повикуваме сите заинтересирани кумановци да дојдат и да нè посетат. Ќе имаат можност да дегустираат свежи растителни и животински производи. Гостите ќе можат да уживаат и да купат вкусни готвени јадења и тестенини. Придружете ни се и поддржете ги малите локални производители. Саемот ќе трае од 11 до 17 часот“, додаде Стојковски.
Доколку временските услови не дозволат одржување на манифестацијата, таа ќе биде поместена за следниот викенд, за што граѓаните навремено ќе бидат известени.