Поднесени 8 кандидатури за градоначалници и 14 советнички листи за локалните избори во Куманово
До Општинската изборна комисија (ОИК) во Куманово поднесени се вкупно 8 листи на кандидати за градоначалници и 14 листи на кандидати за советници.

Од кандидатите за градоначалници шестмина се предлог на политички партии и двајца на група на граѓани, 12 советничките листи се на политички партии и две на независни листи.
Кандидати за градоначалник на политички партии се: Мирослав Петковиќ од Левица, Максим Димитриевки од ЗНАМ, Мартин Костовски од коалицијата на СДСМ, Селвер Ајдини од ДУИ, Виолета Арсовска од ЛДП и Арбен Етеми од ВЛЕН. Независни кандидатури доставиле Горан Стојковски - Диро и Нинослав Јакимовски.
Советнички листи поднеле: СДСМ - носител Томица Илиќ, ВМРО-ДПМНЕ носител Владимир Михајловски, ЗНАМ - Ивана Ѓорѓиевска, Македонска трета ера Суверенисти - Марјан Пешевски, МААК - Аца Јаневски, коалиција ЛДП, Интегра и Партија за еманципација на Ромите - Тома Глигориевски, ДПСМ - Иван Стоилковиќ, ДОМ - Сретен Стојковски, ДУИ - Влерим Исени, ВЛЕН - Скендер Османи, Левица - Викторио Зафировски, Единстена Македонија - Сунчица Павлова. Нa независните листи носители се Месуд Бајрами и Иван Петковски.
„По доставување на кандидатурите до 13 септември , ние имавме рок од 24 часа да ги разгледаме и да побараме податоци од надлежните институции кои во рок од 48 часа да ни одговорат. Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, Општинските изборни комисии ќе ги издаде решенијата“, изјави Кристина Цветковска, претседателка на ОИК Куманово.
Потврдените листи се доставуваат до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдоцна на 20 септември.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.