Поради топлотниот бран да се ослободат од работа трудници и лица над 60 година, препорача Владата
Министерството за здравство објави дека согласно прогнозите од УХМР, денеска се активира фаза 3 заради превенирање на последиците од топлотниот бран врз здравјето на населението.

Оваа фаза ќе трае до 8 јули, па на предлог на Министерството, Владата донесе неколку препораки:
– Ослободување од работни обврски на бремени жени и лица постари од 60 години, што не се однесува на вработените во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
– Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17.00) за работници изложени на директна топлина.
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо.
– Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа: простории со температура до 25 Целзиусови степени, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку.
– Сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
„Мерките имаат за цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност“, кажаа од Министерството за здравство.
Македонија, како и голем дел од јужна Европа, е погодена од топлотен бран. Во следните денови се најавуваат максимални температури од 32 до 41 Целзиусов степен низ земјата.