Повеќе од 60 настани во 2,5 месеци на „Кривопаланечко културно лето“
Со повеќе од 60 настани Општина Крива Паланка го најави „Кривопаланечко културно лето“ 2025, кое започнува на 19 јуни, а ќе трае се до 30 август.

Во прогамата се предвидени концерти на традиционална, џез, или поп- рок музика, фолклор, изложби, литература, уметност, фестивал на традиционална храна и богата забавна детска програма за најмалите, а најголемиот број од закажаните манифестации ќе се одржуваат на летната сцена во Градскиот парк и плоштадот.
Културното лето започнува со стенд- ап настапот на Сашко Коцев, на 19 јуни во Центарот за култура, а завршува на 30 август со традиционалниот „Џој фест“.
„Ги покануваме сите љубители на добрата музика, уметност и секако, на добра храна, чист воздух и убава природа, по што е позната Крива Паланка, да бидат гости на градот ова лето на една од најеколошки-чистите и најуредените општини во државата“, стои во повикот на општинските власти.
Овогодишната програма има за цел да ја плени публиката од целата држава и поширокиот регион, дополнително поттикнувајќи го културниот туризам во градот.
„Кривопаланечко културно лето“ ги интегрира традиционалните манифестации: детски фолкорен фестивал „Паланачка тројка” во јули, „Вечер на Осоговски песни” во јули, 39-то издание на реномираната Меѓународна ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски”, Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски”, од 25 до 27 август, тридневен фестивал на занаети и ракотворби „Шопско село“, што ќе се одржи на градскиот плоштад , како и музички концерт и „Фестивал на храна“ на 29 август, што ќе понуди одлична можност за дегустација на вкусни традиционалнa македонскa кујна, автентични за кривопаланечкото поднебје.
Програмата е создадена во соработка со Градскиот музеј и Центарот за култура.
По успешната културно-туристичка промоција на градот за време на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата за 2024“, кога беа реализирани над 150 настани, културното лето 2025 година е само продолжеток на напорите за задоволување на афинитетите на граѓаните на Крива Паланка и публиката од државата и регионот, велат од Општина Крива Паланка.