×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Зошто намерно се уништуваат “Чистота“ и “Пазаришта“?

    Виктор Божиновски

    Пред околу два месеци, на исто ова место пишував за катастрофалната состојба во сите општински јавни претпријатија, меѓутоа настаните од оваа недела ме замислија да се обидам да дадам одговор на прашањето зошто ова им се случува на две од трите најважни претпријатија, “Чистота и зеленило“ и “Пазаришта“.

    Имено, тогаш кажав дека “Чистота и зеленило“ и “Пазаришта“ се посебни приказни. Во “Чистота“ покрај ужасните резултати од тековното работење и преполните контејнери во местата во кои не се собира сметот секојдневно, се поставува прашањето како претпријатието ќе ги врати долговите кон сопствените вработени кои се бројат во милиони денари а кои произлегуваат од неисплатените додатоци за плати за прекувремена, ноќна, работа во празници и други додатоци, а постоењето на овие долгови е утврдено со правосилни и извршни судски пресуди? Ситуацијата таму е жална зашто незадоволството и бесот на вработените еден ден може да “експлодира“ и да има влијание врз цело Куманово. Каде се средствата за одржување на возилата, за горивото, зошто не се зголемат средствата кои општината ги дава на јавното претпријатие врз основа на програмите кои ги има изгласано Советот на Општината? Зошто услугата на претпријатието не е подобрена кога веќе користи милиони денари наши пари трансферирани преку Буџетот на Општината? А цената на собирањето на смет се покачи пред неколку години. Меѓутоа она што се случи оваа недела со попишувањето на дел од основните средства на претпријатието, со ставање на жолти “извршителски“ ленти на столчиња, маси и компјутери е СРАМ ЗА ОВАА ОПШТИНА. После ќе следи проценка па продажба, и ова е процес кој согласно законот никој не може да го запре... Освен ако некој можеби не отвори ликвидација? “Пазариште“ – иста состојба. Во тоа претпријатие појма немаат што треба да се прави. Таму немало пари за плати зашто пазарџиите не изнајмуваат тезги. Па што прави таму директорот? Зошто се дозволува да не се изнајмуваат тезги а да се продава надвор од пазарот без никој ништо да не плаќа.

    Од оваа и ваква состојба се наметнуваат две прашања:
    Прво, има ли ОПШТИНА во оваа општина?!
    Второ, дали можеби некој ова не го прави намерно?!

    Прво, повеќе од 7 и пол години знаеме дека ОПШТИНА овде нема. Не само за “Чистота“ и “Пазаришта“, туку и за сите јавни претпријатија. Како поинаку да се протолкува фактот дека општината воопшто не направи ништо да се запре срамниот процес во “Чистота“? Исто ќе следи и во Пазаришта.

    Второ, некој сигурно намерно го прави ова, нема друго објаснување.
    Се потсетив на процесот на приватизацијата на претпријатијата со општествен капитал во Македонија кој се случуваше во текот на 1990-тите години.

    Повозрасните се сеќаваат, а за помладите читатели да потсетам: Тоа беше процес во кој тогашните директори или политички моќници на најголемите претпријатија им создадоа ненормални долгови со што има ја уништија вредноста целосно, за да можат после токму тие директори во процесот на приватизација, односно тогаш се викаше “трансформација на претпријатијата со општествен капитал“, самите да станат газди. Некои од нив и денес функционираат. Имаше и сцена во филмот “Тесна кожа 4“ во кој бизнисменот “Џорџ“ (инаку Ѓоле по српски) му објаснуваше на Шојиќ како тоа да го направи: “Задужиш предузеќе у 300 лепе п... материне и онда ту наступам ја“. Повозрасните се сеќаваат...

    Зошто тогаш воопшто не е чудно ова истото да се случува и денес со овие јавни претпријатија? Зошто не е чудно некој ова да го прави намерно? Затоа што е јасно дека овие две претпријатија повеќе воопшто немаат никаков капацитет самостојно нормално да функционираат. Кои опции се на располагање? Прва, која веројатно нема да се случи (дај Боже да грешам) е општината на предлог на Градоначалникот и со Одлука на Советот финансиски да интервенира во овие претпријатија за да им ги покрие долговите од кои зависи нивното нормално функционирање, па да се почне “од нула“.

    Втората опција, која по мене е многу поверојатна, е да се чека да поминат изборите во октомври па не дај Боже актуелната градска власт на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ да остане тука каде што е, јавно да каже “еве ние се обидовме се што можеме, ова не бива“, и тогаш да се прави постапка за јавно-приватно партнерство во која јавните претпријатија веќе нема да бидат тоа, туку ќе бидат приватни претпријатија кои вршат јавни услуги, со доминантен приватен сопственик, ќе почнат да се отпуштаат работници бидејќи ќе бидат “вишок“, и бизнисот ќе си го водат приватни бизнисмени кои нема што да прашуваат било кого колкава треба да е цената за услугите и нормално, за учесниците ќе има “дебели провизии“... и така...

    Би сакал да грешам, ама две работи ќе ви кажам... Прво, сочувајте ја оваа колумна некаде па ќе правиме муабет после. А, да, и второ, прочитајте ја пред локалните избори у октомври.

     

    Виктор Божиновски адвокат

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*