Притвор за возачот што прегази семејство
Притвор во траење од 30 дена заработи лицето, кое завчера се обиде да прегази родители и дете, на улицата “Борис Кидрич“, пред Здравствениот дом во Куманово.

Против него е поведена истражна постапка поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело Убиство во обид.
Имено, лицето се товари дека додека чекал ред со неговата девојка во Здравствениот дом – Куманово влегол во расправија со друго лице заради непочитување на редот за прием во амбулантата. Во текот на расправијата оштетениот му се заканил на осомничениот. При излезот од Здравствениот дом осомничениот бил нападнат од три други лица кои започнале да удираат по ветробранското стакло на неговиот автомобил. Избегнувајќи го нападот, осомничениот се упатил кон центарот на градот, при што со своето возило марка „Мерцедес“ се обидел да го прегази оштетеното лице, неговата сопруга и малолетното дете. Сите тројца биле повредени, а со најтешки телесни повреди се здобило детето.
По извршениот увид на лице место со оглед на околностите под кои се случил настанот, Јавниот обвинител даде наредба до СВР Куманово постапката да се води како итна, а лицето учесник – возач да биде задржано заради натамошно постапување.