Прогласени најдобрите просветни работници во Куманово
Здружението на просветни работници Куманово денеска на свечена седница ги додели признанијата на најдобрите просветни работници за 2025 година во основните и средни училишта во Куманово.

По повод Денот на просветителите „Кирил и Методиј“, во категоријата одделенска настава за најдобра е прогласена Николина Милевска од ООУ „Кочо Рацин“, во категоријата предметна настава Даниела Стојановска од ООУ „Христијан Карпош“ Куманово и Слаѓан Станковиќ од ОСТУ „Наце Буѓони“ во категоријата средно образование. Во четвртата категорија - стручна служби оваа година немало пријавени.
Лауреатите се заблагодарија за довербата, истакнувајќи дека високото признание не е само чест и задоволство, туку и голема одговорност.
„Јас ова ова признание го гледам не само како круна на моето долгодишно 25-годишно работно искуство, туку и како поттик понатаму уште повеќе со љубов и посветеност да ја работам оваа моја и наша најблагородна професија, а тоа е образование и воспитание на младите. Нашата работа не се мери само со успехот на учениците, и со оценките на тестовите, туку и со насмевката на учениците кои секојдневно ја споделуваат со нас. Со искрата која секојдневно ја гледаме како пламти во нивните очи, и со вербата во нив кога и тие не веруваат. Оваа награда ја примам во името на сите наставници кои што знам колку долго остануваат на своите работни места и колку се посветени да си помогнат меѓусебе, кои честопати работата ја носат и дома, и на сите кои како јас веруваат во успехот на учениците. Благодарам на сите мои ученици кои се моја инспирација, мој предизвик и моја должност, до колегите од кои секојдневно учам и до моето семејство кое секогаш ми е најголемата поддршка“, кажа во своето обраќање Милевска.
Професорката Даниела Стојановска кажа дека од нејзините 8 генерации на ученици во ООУ „Христијан Карпош“, кои биле инспирација за нејзината посветена работа и професионален развој, научила да држи чекор со нив, и да биде близу до нивните интереси, желби и можности за учења, знаења и умеења.
„Тоа се моите желби да воспитувам и да бидам дел од образовниот циклус на општествено одговорни млади луѓе. Проблемите со кои се соочуваме денеска во образованието се всушност импликација на начинот на кој размислувавме кога ги решававме проблемите од вчера. Токму затоа сметам дека "вчерашните" обиди за образовни реформи треба да ги напуштиме и очекувам реформи кои нема да бидат момент, туку ќе бидат долготраен процес, кој е тежок, повеќеслоен, но ќе обезбеди секој наш ученик да си го најде своето место во економијата на 21-век, и притоа да ги пренесе нашите културни вредности и идентитет, нашата традиција на генерациите што следат. Само такви образовни реформи можат да не доведат до училишта кои ќе се раководат и ќе се управуваат врз основа на основните столбови и ведности, наука и уметност, притоа почитувајќи ги педагошко-психолошките принципи и законите на природните науки“, кажа Стојановски.
Професорот Станковиќ истакна дека најголема поддршка на секој учител е кога неговите ученици го ценат, не го одминуваат на улица, и немаат проблем да седнат и да разговараат за нивните проблеми и да побараат совет.
„Денеска на овој настан имаме многу такви просветни работници, а една од нив која ги носи најдобрите епитетите за просветен работник и шири позитивна енергија меѓу луѓето, која знае да се гушка со учениците и да им ја пренесе љубовта, да биде секогаш ведра и насмејана личност, која создава релаксирана и позитивна атмосфера, а тое е претседателката на Здружението на просветни работници Анита Димовска“, кажа Станковиќ.
Денешната свеченост која беше збогатена со културно-уметничка програма, се одржа во присуство на ученици и родители, како и претставници од локалната самоуправа и училиштата, а беа доделени и награди и признанија на најдобите млади уметници и нивните ментори, кои учествуваа на ликовниот конкурс посветен на ликот и делото на македонските просветители „Кирил и Методиј“.