Прогласени првенците на генерацијата за 2025 година во основните и средни училишта во Куманово
На свечена седница, денеска беа прогласени првенците на генерацијата во основните и средни училишта во Куманово за учебната 2024/25 година, кои настава посетуваат на македонски и албански јазик.

Манифестацијата ја организираше Здружението на просветни работници во Куманово, а одлуките за најдобрите ученици се доставени од школите.
За првенци на генерација во средните училишта се прогласени: Мелани Максимовска од Гимназијата “Гоце Делчев“, Елмедина Селими од Гимназијата „Сами Фрашери“, Стефанија Мартиновска и Амар Сулејмани од СОУ “Перо Наков“, Меланија Додевска и Кедреса Зибери од Техничко училиште „Наце Буѓони“, Милица Пешиќ и Арта Аслани од ДСЦ „Киро Бурназ“.
Најдобри во сновните училишта се учениците : Ејона Кадриу од “Бајрам Шабани“, Марин Цониќ од “Браќа Миладиновци“, Елеонора Цветковска и Греса Аземи од „Браќа Рибар“ - Табановце, Љуље Асипи и Андреј Малиновски од Битолски Конгрес, Лопате, Кристијан Јакимовски од „Вера Которка“ Клечовце, Лела Пандиловска од „Вук Караџиќ“, Алдон Синани од „Јероним Дерада“, Анабела Цветковиќ од ОУ „Карпош“ Умин Дол, Јован Димковски и Ерина Рамадани од „Кирил и Методиј“ Романовце, Анастасија Арсовска од ОУ„Кочо Рацин“, Влатко Ставревски од „Крсте Мисирков“, Мила Митровска од „Магдалена Антова“, Марио Велевски од „11 Октомври“ , Дукаѓин Јашари од „Наим Фрешери“ , Софија Митевска од “Христијан Карпош“, Кјара Ристиќ и Елвина Дервиши од „Толи Зордумис“, Ана Спиридоновска на виолина и Ева Симоновиќ соло пеење од Музичкото училиште „Панче Пешев“.
Сите ученици добија плакети, благодарници, златник и ваучер.
Во име на наградените се заблагодари Стефанија Мартиновска, првенка во СОУ „Перо Наков“, која потсети на трудот кој во изминатите 4 години го вложиле нивните на професорите, кои со голема посветеноти и трпение ги научиле да бидат пред се добри луѓе, а потоа и упорни и посветени ученици.
„Заедно со вас го поминавме патот на образованието и воспитанието, обликувавте млади луѓе кои ќе стојат исправено пред светот. Завршува едно поглавје од нашиот живот, ја затвораме и последната страница од нашите средношколски денови, но ова не е крајот туку почеток на нешто ново. Ќе отвориме нова книга што значи иднина, која е полна со предизвица. Ветувам дека ќе продолжиме да создаваме свет заснован на знаење и вредности. Ние сме иднината во која треба да верувате“, кажа Мартиновска.
Наградените ученици ги поздравија претседателката на Советот Ивана Георгиевска и претседателката на Здружението на просветни работници Атина Димовска, кои им посакаа среќна иднина, многу знаење и успех на првенците на генерацијата, и ги повикаа животот и кариерата да ги продолжат во нашиот град.
„Вложувајте во себе секојдневно, натпреварувајте се, бидејќи знаењето и вештините, вашиот талент, никој не може да ви ги одземе. Учењето е доживотно, а творењето и знаењето се најголемото богатство. Вие можете своето богатство да го споделите со другите за да им го осветлите патот, и да го направите нашето соседство и нашиот град подобро место за живење“, кажа Димовска.
Прогласувањето на првенците беше проследено со културно-уметничка програма на ученици.