Мени

Промоција на романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска во Куманово

20.10.2026 11:41 | KumanovoNews

Во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово, утре со почеток во 19 часот,  ќе се одржи промоција на романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска. 

Промоција на романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска во Куманово

Промотор на романот  ќе биде Ермис Лафазановски, а извадоци ќе читаат актерките Александра Михајловска Величковски и Нина Максимова.
 
„Три Марии“ е роман што го отвара просторот за размислување за женските искуства, личните и колективните приказни, домот, идентитетот, семејството, како и начините на кои литературата ги преиспитува,обработува, лоцира, стега личните судбини и реалноста во која живееме. 

Романот има добиено три престижни книжевни признанија: „Рациново признание“- за најуспешно книжевно дело,  „Стале Попов“- награда на Друштво на писатели на Македонија за најдобро прозно дело и  „Роман на годината“ за 2025 година, награда што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“

 На промоцијата, во разговорот за романот и неговите книжевни слоеви, публиката ќе има можност одблизу да се запознае со творечкиот свет на авторката Ќорвезироска.

Оливера Ќорвезироска е родена во Куманово.  Авторка е на романите „Заклученото тело на Лу“ ,  „Аб'т“ и „Три Марии“, како и на повеќе збирки на раскази и поезија, романи и сликовници за деца.

Нејзините дела се преведени на: албански, српски, англиски, француски, турски, чешки, словенечки, полски, руски, унгарски и бугарски јазик.

Промоцијата на книгата е дел од годишната  програма  на Центарот за култура за 2026 година поддржана од Министерство за култура и туризам.