Промовирани новите возила за Итната помош
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски, денеска во Скопје ги промовираа новите 100 возила за Итната медицинска помош во земјава.
Тие набавката ја оценија како важен чекор за поквалитетна испорака на здравствените услуги кон граѓаните
„Опремата во возилата е на сосема ново ниво: напреден дефибрилатор, монитор со пејсинг, ЕКГ и ST/QT мониторинг, кислородна и респираторна опрема за возрасни, деца и новороденчиња, вентилација, климатизација, автоматска носилка и систем за намалување на вибрациите“, истакна Клековски, додавајќи дека тоа ќе значи дека третманот на пациентот почнува уште во возилото, а не дури во болница.

Директорот на Здравствениот дом Куманово, Седат Зулбеари, кажа дека денеска присуствувал на промоцијата, но се уште не се знае колку возила ќе добијат.
„Министерот кажа дека тоа ќе зависи од демографијата, покриеноста и бројот на посети на Итната помош. Очекуваме дека ќе добиеме најмалку две, а може и повеќе. Ќе дознаеме деновиве“, кажа директорот Зулбеари.
Во моментов, службите за итна медицинска помош располагаат со околу 140 возила. Од новонабавените 100 возила, 60 ќе бидат наменети за зголемување на капацитетите, додека останатите 40 ќе ги заменат старите и дотраени амбулантни возила. Со тоа, вкупниот број активни возила ќе достигне околу 200.
Инвестицијата е во вредност од 460 милиони денари.