Пуштен во употреба новиот парк во Крива Паланка
Во Крива Паланка вчера беше пуштен во употреба нов урбан зелен парк со површина од над 2.000 квадратни метри, кој претставува модерен простор за одмор, рекреација и дружење на граѓаните од сите возрасти.

Новото зелено катче е сместено во близина на станбениот комплекс кај градскиот зелен пазар и претставува комплетна трансформација на досега запуштена локација во модерен, функционален и атрактивен јавен простор.
„Неизмерно се радувам што сме денес тука сите заедно. Се радуваме на овој наш заеднички нов простор за одмор, дружба, рекреација и безгрижна детска игра. Просторот што го креиравме и трансформиравме до непрепознатливост во една прекрасна зелена оаза во срцето на градот и во оваа населба што претставува мост помеѓу различни генерации,“ изјави градоначалникот Сашко Митовски.
Во новоизградениот парк се засадени бројни растенија и хортикултурни површини, поставени се четири настрешници, урбана опрема, чешми за вода, клупи и содржини наменети за одмор и рекреација. Дополнително, Општината со сопствени средства изгради спортски терен за баскет и современо игралиште за најмладите.
Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, изрази задоволство од начинот на кој општината ја реализирала инвестицијата.
„Моите импресии ги споделувам со сите вас за тоа колку корисно, убаво и во прилог на заедницата, во прилог на локален развој со визија и проекции, правилно ги користиме средствата од европските фондови. Уште повеќе ми е драго бидејќи знам како изгледаше претходно, се колку убаво е уредена целата локација, така што сите честитки ги упатувам со општината и до сите што го создадоа ова прекрасно место за граѓаните на Крива Паланка“, изјави Рокас.
Изградбата на паркот е дел од проектот „ПАРКОВИ – Заштита на областите преку регионално знаење и одржливост“, имплементиран од Општина Крива Паланка преку ИНТЕРРЕГ – ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија 2021–2027. Проектот има за цел унапредување на биодиверзитетот и квалитетот на живот во урбани средини, преку еко-пријателски паркови и зелени зони.
Вкупната вредност на проектот изнесува околу 895.000 евра, од кои 388.000 евра се наменети за Општина Крива Паланка како втор партнер, додека остатокот се доделени на Општина Дупница, која е водечки партнер.
Како дел од проектните активности, е спроведена анализа на почвата, се креира зелен катастар, монтиран е сензор за мерење на квалитетот на воздухот на зградата на општината, а во подготовка е и предлог-листа на најсоодветни растенија за климатските услови во регионот.
Никола Митовски