Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ромите се се уште невидливи, маргинализирани и отпишани од општеството“, вели Ашмет Елезовски, извршен директор на Националниот ромски центар во Куманово.
Тој смета дека институциите мора да се заземат за решавање на проблемите со кои се соочува ромското население, но и да се креираат мерки кои ќе создадат еднаква шанса за сите во државата.
На Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април само формално се зборува за подобрување на нивниот статус и животен стандард, додека реално се уште се соочуваат со дискриминација во образованието, домувањето, инфраструктурата, вработувањата. Ромите само преживуваат, секојдневно има прекршување на нивните права и избришани се од агендата.
Сепак, дел од она што ги мачи сметаат дека не се на национална основа ни политичка, туку дека Ромите ја делат судбината на сите обични граѓани.
„Од осамостојувањето на Македонија само две етнички групи решаваат за судбината на сите, и на Ромите, Србите, Бошњаците, Турците. Нашите млади соочени со тоа дека не можат да најдат вработување, а не сакаат политички да се ангажираат заминуваат во западноевропските земји. Во последно време имаме 4 иселени лекари од Куманово, едниот во Швајцарија е врвен кардиохирург“, истакнува Елезовски.
Во основното и средното образование секоја година има се помал број на запишани дечиња од ромска националност. Голем дел од родителите мигрираат кон Тетово и западниот дел на Македонија поради поголемите можности за вработување, дел од нив, не помалку од 2 илјади луѓе заминуваат на сезонска работа во Црна Гора, но високообразованиот кадар засекогаш заминува во земјите на Европската унија.
Во деловите на градот каде се сконцентрирани семејствата од ромска националност често нема изградена инфраструктура, а голем број живеат во објекти кои се дивоградби.
„Не постои начин за легализација на тие куќи, зборуваме за области, Средорек и Бавчи каде е зацртан зелениот појас во градот. Поради тоа дел од куќите немаат питка вода, канализација, во населбите нема улично осветлување, контејнери. Смет има насекаде околу нив, сите ги обвинуваат, но одговорноста не е само на Ромите“, кажа Ахмет Јашаревски, извршен директор на Центарот за ромска заедница ДРОМ од Куманово.
Според податоците на Државниот завод за статистика на пописот во 2002 година во Куманово имало 4.256 Роми, додека на последниот попис бројката спаднала на 2.796 лица, што е драстично намалување.
Пред осамостојувањето на Македонија во Куманово бројката на жители од ромска националност изнесувала околу 12 илјади.