Се одржа четвртиот саем на стари занаети во Куманово
Регионалната занаетчиска комора денеска го организираше четвртиот саем на стари занаети во Куманово.

На манифестацијата учествуваа занаетчии од Скопје, Велес, Охрид, Битола и Прилеп, кои ги претставија своите производи пред пошироката јавност.
„Оваа година направивме спој на старите и новите занаети. Нашата општина е пионер во ова, даваме пример и на другите градови како треба да се почитува историјата, традицијата и културата. Малите фирми и семејните бизниси ја сочинуваат нашата економија. Со ова даваме придонес за нивна популаризација,“ изјави претседателот на занаетчиите Агрон Фазлиу.
Во Куманово има регистрирано само десетина стари занаети. Фазлиу вели дека преку субвенционирање и вакви саемски манифестации сакаат да ги мотивираат занаетчиите да се формализираат, бидејќи поголемиот дел работат нерегистрирано.
Општина Куманово и оваа година обезбеди 150.000 денари за субвенционирање на десет занаетчии кои ја негуваат традицијата и ги чуваат од изумирање старите занаети во градот. Досега на јавниот оглас се пријавиле седум занаетчии, кои ќе добијат по 15.000 денари. Поддршката е наменета за грнчари, крзнари, кондурџии, опинчари, везилки и други занаетчии.
„Овие средства се неповратни. Иако се мали, имаат големо значење. Се надеваме дека ќе се пријават уште тројца. Нема посебни критериуми, освен да се регистрирани. Сакаме да покажеме дека занаетчиството е столб во нашата држава,“ додаде Фазлиу.
Тој истакна дека Куманово е прва општина која директно ги помага занаетчиите и изрази надеж дека оваа пракса ќе биде прифатена и во другите градови.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, оцени дека занаетчиството повторно се возобновува во градот, а за тоа придонесуваат и ваквите манифестации:„Куманово е занаетчиски град, имаме длабоки корени и традиција и затоа треба да се трудиме да го сочуваме тоа наследство.“
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, потсети дека државата ги помага занаетчиите преку активни мерки за набавка на машини и алати, како и преку поддршка на занаетчиските комори за едукација и зачувување на ретките занаети.