×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Сите го викаат Реџо“ на младиот режисер Ибер Деари прогласен за најдобар филм во медитеранска категорија на фестивал во Италија

    13.05.2025 08:44 | Оливера Пешевска

    Играниот филм „Сите го викаат Реџо“ на младиот режисер Ибер Деари (33) од Липково ја освои наградата за „Најдобар филм во медитеранска категорија“, на 16- то издание на Бари Бифест во Италија.

     

    „Сите го викаат Реџо“ на младиот режисер Ибер Деари прогласен за најдобар филм во медитеранска категорија на фестивал во Италија

    „Реџо постои – тој е симбол на оние кои остануваат. Тој е последниот работник што останува во селото, кој и не е најдобар мајстор, но едноставно нема кого друг да повикаш. Преку автентични сцени и силен локален колорит, реална приказна, но исполнета со топлина, хумор и вистина филмот го освои жирито во Италија“, објаснува режисерот.

    Филмот бил работен повеќе од пет години, низ пандемија, одложувања и неизвесност, но на крајот, во јануари годинава, доживеа историска премиера, кога истовремено се прикажувал во пет распродадени кино сали во Скопје и во Приштина.

    Филмот продолжува со своето патување – наскоро ќе се прикажува во Копенхаген и Брисел, а во преговори е за проекции во Германија и Швајцарија. Неговиот успех на меѓународната сцена е доказ дека добрата приказна, кажана искрено и со страст, е универзална.

    Ибер Деари заедно со актерот Мирсад Абази, соработник и пријател од Театар Куманово, веќе 10 години работат на кратки филмови инспирирани од животот во нивната општина. Нивниот најнов проект – филмот „Антигона“, посветен на животот на единствената жена-такси возачка во селата на Липково, е примен на престижниот Шефилд филм фестивал во Велика Британија.

    „Се надеваме дека ќе добиеме виза и ќе можеме лично да го претставиме филмот и нашата држава,“ вели режисерот.

    Во изминатите години, заедно со Абази,  создале повеќе од 10 кратки филмови со минимален буџет, но со максимална креативност. Овие филмови настапувале на фестивали во Њујорк, Базел, Косово, Охрид, Скопје и Приштина – и се закитени со низа награди: „Фармерс блуз“, награда за најдобар краткометражен филм на Бич филм фестивалот во Охрид, „Долг пат до дома“ е најдобар краткометражен филм на Киненова во Скопје, „Мојот град вреска“ е прогласен за најдобар филм и режија на „Nine Eleven Festival“ во Приштина, „Тока“ за најдобар филм на Тетово филм фестивалот и на Интернационалниот филмски фестивал во Њујорк.

    За сите снимени дела сам ги пишувал сценаријата (заедно со Артан Селмани го напишал „Сите го викаат Реџо“), режирал и монтирал, што е тренд во современата кинематографија. Вели дека така работат и Шон Бејкер, или Милчо Манчевски.

    Деари како млад режисерот жали што Куманово ги нема можностите како другите градови, да ги види неговите филмови, но и на другите автори. 

    „Во Куманово немаме кино, само театар. Нашите сограѓани патуваат до Скопје, плаќаат две патарини и билети за да гледаат филмови. Не велам дека државата е лоша, туку дека системот е неправеден. Сепак, не се откажуваме – веруваме во трудот и креативноста“, категоричен е Деари.

    Тој додава дека секој млад режисер и уметник треба да избега од улогата на жртва, не треба да се откажуваат, туку да најдат начин и трпение да си го трасираат сопствениот уметнички пат. За него иранскиот филм е најдобриот модел на тоа што е добар филм со мал буџет, бидеји живеат во диктатура, а ги прават најдобрите филмови. Затоа смета дека се само изговори тврдењата дека во Македонија не можат да се направи добар филм.

    Тврди дека современите трендови бараат подинамични, пократки и побрзи сцени, колку што е трпението на публиката. Веќе не поминува дека бавните, тивки филмови се поуметнички од другите. Режисер кој му е идол е Серџо Леоне, но Тарантино му е своевиден гуру, во смисла на советите за современ филм.

    Ибер Деари магистрирал режија на Универзитетот ЕСРА – Париз-Скопје-Њујорк,  раснел во семејство кое никогаш немало допир со уметноста. Вели дека иднината ја гледа надвор од државата, но нема да престане да работи за локалната сцена – и во Театар Куманово, и во независната продукција.

    „Младите автори мора да работат 24 часа на ден. Да веруваат во себе, да не спијат, да не се гледаат како жртви. Можеме – и мораме – да ја преставуваме културата и државата онаква каква што сакаме да биде. Немам скап автомобил, ниту сопствен стан, но имам филм кој го гледа светот. Тоа ми е доволно за сега “, посочува наградуваниот режисер.