Мени

Со 100.000 евра од ЕУ ќе се реновира геријатриското одделение во Домот за стари лица во Куманово

09.10.2026 10:54 | Сузана Николиќ

Одделението за геријатрија во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово, ќе се реновира и ќе добие нова опреми со средства обезбедени од Европската унија, преку проект за прекугранична соработка со Врање, Република Србија. 

 

Со 100.000 евра од ЕУ ќе се реновира геријатриското одделение во Домот за стари лица во Куманово

Проектот „Премостување на границите – заедно за утре“ е партнерски проект помеѓу двете институции и две невладини организации, „Порака наша“ од Куманово и Едукативен центар од Лесковац. Проектот ќе трае 24 месеци.

„Вкупниот буџет на проектот е 402.336 евра, од кои 85 отсто ги обезбедува Европската унија. Со тие пари е предвидена реконструкција на Домот за стари лица во Куманово и Центарот за унапредување на социјалната заштита во Врање. Имаме и меки мерки, активности за унапредување на квалитетот на животот на корисниците, две мини кампањи кои ќе треба да ја запознаат пошироката јавност со нивните проблемите, тенинзи и обуки за вработените во секторите за социјална заштита,  за да се подигнат заедничките капацитети во пограничниот регион“, изјави Игор Стаиќ, менаџер на проектот од Едукативен центар од Лесковац. 

За реконструкцијата у опремување на одделението во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ предвидени се близу 100.000 евра.

„Нашиот дом ќе добие целосна реконструкција на геријатриското одделение, како и нова опрема. Исто така ќе се обезбеди и техничка помош која се состои во компјутери и лап-топи, за потребите на корисниците и вработените. Преку овој проект ќе се добијат поквалитетни услуги, што е од големо значење за нас како институција. Ние имаме 60.000 евра за реконструкција, 20.000 евра за опрема на просториите и 15.000 евра за компјутерската техника“, кажа Александар Крстевски, директор на Домот за стари лица „Зафир Сајто“.  

Центарот за социјална заштита на Врање, исто така ќе добие близу 100.000 евра, а ќе се искористат за реновирање на кровот и обезбедување на компјутерска опрема.

„Овој проект е за нас е од огромно значење, затоа што нашата зграда е стара преку 40 години. Вредноста на прокто е околу 100.000 евра, тука ја сметам и компјутерската опрема.  Површината на кровната конструкција е околу 600 м2“, кажа директорот Драган Јањиќ.

Јелена Стаменковиќ од „Порака наша“, објасни дека нивните активности се насочени кон нивните корисници и потребите кои ги имаат.

„Ќе работиме на унапредување на дигиталната писменост кај маргинализираните групи, ќе организираме работилници за здравствена едукација на стари лица, лица со попреченост и нивните семејства. Тука се и обуките за здраво стареење, ментално здравје, прекугранична културна размена на искуство и др“, кажа Стаменковиќ.