Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово потпиша договор за набавка на нова аудио опрема и систем за гласање за потребите на Совет на Општина Куманово, со вкупна вредност од 2,87 милиони денари, или 46.700 евра.
Добавувач е „Дуна ДОО“ од Скопје, а договорот е склучен на 6 мај.
Најинтересна точка од спецификацијата е „Главен конференциски уред со избор на канали, гласање и можност за стопирање на други говорници наменет за претседател на Совет“, што практично значи дека претседавачот ќе може да ги исклучува совениците по потреба. Самиот уред чини 36.470 денари, околу 600 евра.
„Седниците на Советот се претворија во хаос, се надвикуваме со колегите. Затоа и се одлучивме за набавка на нов систем, од кој најголема корист ќе има претседателот на следниот состав на општинскиот совет, ние во овој мандат треба да одржиме уште 2, 3 седници. Инаку постоеше таков уред, набавен и монтиран многу одамна, но тој не е функционален. Не постоеше можност за набавка на резервни делови за поправка на постоечкиот, дури и фирмата застапник на таа опрема не постои веќе“, вели претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска.
Во договорот е предвидена набавка на конзола со 32 аудио- канали, микрофони, уреди за гласање, потребните уреди за преведувачите, снимач на звук, како и комплетен софтвер систем за целокупната опрема, како и други придружни, неопходни стоки според спецификацијата.
Според член 4 од договорот испораката мора да е во согласност со техничката спецификација на тендерот, а должен е да ги испорача и монтира во рок од 30 дена од склучување на договорот.
Носителот на набавката, односно добавувачот се обврзува да ги третира сите информации и документи поврзани со предметот на набавка како доверливи и како деловна тајна и истите нема да ги објави или споделува со 3-ти лица без претходна писмена согласност од договорниот орган. Програмскиот код на набавениот софтвер останува во сопственост на Општина Куманово.