×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Свечено отворен ЕМОФ Скопје 2025 – Македонија ја пречека Европа со спорт, музика и заедништво

    21.07.2025 08:55 | KumanovoNews

    Со спектакуларна церемонија во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, синоќа свечено беше отворен најголемиот мултиспортски настан во Македонија – Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025.

    Свечено отворен ЕМОФ Скопје 2025 – Македонија ја пречека Европа со спорт, музика и заедништво

    Со импресивно отворање, официјално започна спортскиот и културен спектакл кој ќе трае седум дена, од 20 до 26 јули, и ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, пријателство и солидарност.

    Церемонијата започна со уметнички настап на четири тапанари од Skopje Drumroll Orchestra и вокалистката и харфистка Сара Мејс, која преку современа интерпретација на традиционалниот звук го отвори настанот во симбиоза на музика, движење и визуелна уметност. Настапот беше проследен со националната химна на Македонија во живо изведена од Хорот на Националната опера и балет и со кренување на македонското знаме.

    Во центарот на вниманието беше величествената Парада на делегациите, на која продефилираа спортисти од сите 49 земји учеснички, како и ЕОК тимот на бегалци. Илјадници млади спортисти на возраст од 14 до 18 години маршираа низ арената со своите национални знамиња, носејќи порака за заедништво и европска иднина. Делегациите беа пречекани со аплаузи и топло добредојде од публиката.

    Воведно обраќање одржа Спирос Капралос, Претседател на Европските олимписки комитети (ЕОК), кој ја нагласи улогата на ЕМОФ во промовирањето на младинскиот спорт и зближувањето на културите.

    „Овие игри се многу повеќе од само медали – тие се за учење, поврзување, споделување и живеење според олимписките вредности: извонредност, пријателство и почитување. За многумина од вас, ова можеби е првото големо меѓународно искуство, но она што ќе го понесете со себе се пријателствата, спомените и чувството дека припаѓате на едно големо европско олимписко семејство,“ изјави Капралос во своето обраќање.

    Потоа на присутните им се обрати и претседателката Гордана Силјановска Давкова, која официјално го прогласи фестивалот за отворен.

    „Голема е честа да се биде земја домаќин на Летниот европски младински олимписки фестивал, на којшто се собраа околу 4.000 спортисти коишто ја манифестираат убавата страна на сегашноста и ја гарантираат светлата иднина на европскиот и на светскиот спорт. Овој фестивал е многу повеќе од натпреварување – тој е симбол на младоста, витештвото и заедништвото. Тоа е можност за нашата земја да покаже дека сме добри домаќини, дека имаме спортска душа и дека сме подготвени да ги пречекаме сите со отворено срце. Верувам дека сите учесници ќе заминат од тука со силни впечатоци, нови пријателства и вредности кои ќе ги носат со себе цел живот. Со особена чест, го прогласувам Европскиот младински олимписки фестивал за отворен“, истакна во своето обраќање претседателката Силјановска Давкова.

    Еден од најемотивните моменти на вечерта беше пристигнувањето на македонскиот олимписки теквондист Дејан Ѓоргиевски, кој како прв носител на Пламенот на мирот и солидарноста ги поздрави присутните во арената, најавувајќи го симболичното патување на факелот. Потоа се приклучија и македонските спортски херои Мила Релиќ, Бобан Илиоски, Дивна Пешиќ, Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, а факелот официјално го запали нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски. Со овој чин беа симболично обединети трите градови домаќини – Скопје, Куманово и Осиек – и беше промовирана идејата на ЕМОФ Скопје 2025 како настан што го обединува континентот преку спорт, култура и солидарност.

    Кулминацијата на вечерта беше првото јавно изведување на официјалната химна на фестивалот, „Together We Shine“, авторско дело на продуцентот Роберт Билбилов. Химната, која веќе стана симбол на заедништвото и младинската енергија, беше изведена во живо од Сара Мејс, Лара Иванова, Јанг Дади и Александар Тарабунов, и беше проследена со визуелно-мултимедијален настап инспириран од олимписките вредности.

    Свеченото затворање на вечерта беше со настапот на електронскиот артист Кирил Џајковски, кој подготви специјален музички перформанс како увертира за затворањето на фестивалот. Целата вечер помина во знак на прослава, уметност и спортска инспирација, со импозантна сценографија и емоции што допреа до сите присутни.

    ЕМОФ Скопје 2025 вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, гимнастика, велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и теквондо. Натпреварите ќе се одвиваат на современи спортски објекти во Скопје и Куманово, а натпреварите во гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска.

    Македонија на ЕМОФ Скопје 2025 ќе ја претставуваат околу 200 млади спортисти на фестивалот, што е најголем контингент досега. За успешна реализација на настанот се ангажирани стотици волонтери, како и целосен организациски тим кој со месеци наназад работи на подготовка на секој детал.